Толку длабоко морално сме пропаднале, што за гласиштата за преземање (односно поверојатно купување) пратеници од друга политичка партија заради формирање на апсолутно мнозинство во парламентот читаме во информативните медиуми како за нешто сосема нормално.
Кој тоа бесплатно би ја напуштил партијата што го довела во парламентот и толку лесно би ги измамил избирачите? Ако за измама во избирачкиот процес е запретена казна од најмалку 5 години затвор (чл. 165 од КЗ), тогаш колку години затвор треба да следат за ваква измама? Во било кое нормално општество обвинителството би отворило истрага, а населението - без разлика на политичката ориентација - веќе би се кренало на демонстрации.
Што да кажеме пак за барањето на 300 директорски места од една релативно мала политичка партија? Од каде веќе пронашле 300 способни луѓе за раководење со државните институции? Дали некој прво ги проверил тие луѓе, дали ја знаат барем таблицата на множење и дали знаат да прочитаат и прераскажат едно четиво, пред да започнат да се пазарат или - не дај боже - да ги постават на директорски позиции? Имаат ли барем малку срам и доблест што би ги сопрела во упропастувањето на државните институции? Овој почеток не најавува никаква разлика во однос на владеењето на СДСМ и ДУИ; се менуваат само екипите.
Со ваквиот нечесен начин на работа, без разлика дали се работи за класичен поткуп или „само“ за злоупотреба на волјата на избирачите, се уриваат сите три столба на идната влада - божемните евроинтеграции, забрзаниот економски развој и борбата против корупцијата. Ваквите постапки се директна негација на овие постулати.
Доколку овој дрзок, бессрамен и безумен обид за преземање помине, тогаш навистина не заслужуваме да се нарекуваме организирана држава, а младите треба да си дозаминат, не завртувајќи се зад себе. Таква држава не им треба.
проф. Дејан Трајковски