Микробиологија & макробиотика

Нема сила што водите на Вардар, макар на ден, ќе ги направи свети

Време е да се воведе некаква регулатива: попот што го фрла крстот треба да има право да дели жолти и црвени картони, или да исклучува играчи на две минути, да го повторува стартот на трката и слично. Во спротивно, и натаму немо ќе го посматраме парадоксот дека некои луѓе се спремни и да убијат, само за да се дограбат до доказ за нивната благословеност.

Ете, бидна. Со Водици ја завршивме висококалоричната профано-сакрална серија теревенки кои секоја година ги стартуваме со Свети Никола. Добро, останува уште да го испочитуваме и Свети Трипун, но тоа никогаш не ни паѓало тешко.

Симболичкото полнење на овој верски празник и онака со години се рони од, види мајката, еколошки причини. Имајќи ги предвид резултатите од бактериолошките анализи, тешко е да се замисли сила која може водите на Вардар да ги направи свети, макар на еден ден. Добро, свештениците фино објаснија дека Водици е доказ дека Тој е со нас, на земја и во вода, но некако жал ми паѓа кога ќе помислам како Светиот Дух тој ден се злопати пробивајќи се низ фрлените пластични шишиња и мршите од некогашните машини за перење.

На ритуално ниво, ништо ново – и овојпат ни остана горчлив вкус откако ги видовме сите оние буткања и тепачки по крстот. Време е да се воведе некаква регулатива: попот што го фрла крстот треба да има право да дели жолти и црвени картони, или да исклучува играчи на две минути, да го повторува стартот на трката и слично. Во спротивно, и натаму немо ќе го посматраме парадоксот дека некои луѓе се спремни и да убијат, само за да се дограбат до доказ за нивната благословеност!

************

Го пропуштив омилениот дресерски ритуал – Водици. Фрлаш нешто во вода, твоите миленичиња се пуштаат по него, а најбрзото од нив го погалуваш со зборови и му даваш телевизор за награда. Сè што разбрав од пријателите за овогодинешниот сајбер хепенинг е дека дедо Стефан имал добар трзај, дека го заџиткал крстот со олимписка норма а оној што го фатил прво се залетал по цвеќето а дури потоа го зграбил добитниот купон во облик на крст што носи длабоко религиозна награда – телевизор. Добро, и ова не се малку информации ама ми фалат уште милион детали: дали бидермаерот бил фрлан со фалца? дали трзајот бил од рамо или од лакт? во каква јамболија бил завиткан среќниот добитник?

Јас со години ги анализирам суптилните разлики во фрлањето на крстот меѓу нашите (Господин Господин/Дуран Дуран) поглавари. Еве, да го земам за пример блаженоупокоениот Гаврил. Патем, сте приметиле ли дека сите ние умираме а само тие блажено се упокојуваат? Сите се разделуваме од животот отсечно, само поглаварите заминуваат во логичен фејд аут.

Г.Г. Гаврил имаше интересен стил на фрлање: „на сец”. Ќе замавнеше отсечно со крстот, натпреварувачите ќе се пуштеа по реката, ама крстот остануваше во раката на дедо Гаврил кој виртуелно ги крстеше водите на светата река Мајкл Јордан. После неколку такви сеца, ГГГ конечно ќе се смилуваше, ќе решеше да оди на наддавање и да го фрли крстот, ама дотогаш, половина од пријавените кандидати веќе беа отпливани до Велес, Демир Капија или Солун.

Од друга страна, ГГМ беше брилијантен во оној дел кога се прогласува победникот. Оној прочуен библиски стих: „Чееедо боожје, Радио Такси Вооодноо ти подарува телевииизор во боојааа...”, дедо Михаил го кажуваше со такво сугестивно тремоло во својот глас, човек да помисли дека Мојсие химселф проговара низ него.

За жал, годинава не ги одгледав ниту снимките од фрлањето на крстот во оние места кои немаат толку централизирана канализација како Скопје па затоа и немаат толку издашна река како Вардар. Онаму каде што крстот се фрла во поток, базен, када или пипета. Не сум сигурен дали и таму телевизорот е главна награда ама длабоко ме трогнува метафората на тој чин: телевизорот како симбол на нашата вера во севишните вести, како духовна матица која не чува од сопствените богохулни мисли.

*********

Добро, ќе ми објасни ли некој паметен како тоа ќе функционира ако Вранишковски успее? Да речеме, на Водици ќе се фрлаат два крста од Камени мост? Или ќе одиме башка - башка откако ќе завршат верските преговори за тоа кој во кој термин ќе џитка? Или може ќе прибегнеме кон резервната света тајна наречена „петка-глава?” Онака, како на фудбал – ние бираме мост а вие бирајте река. Или пак во духот на екуменизмот мудрите великодостојници ќе се согласат истовремено да фрлаат од исто место? Само што тогаш, пливачите од двете екипи ќе мораат да носат различни дресови, колку да им олеснат на коментаторите. Да речеме:

„Почитувани гледачи, овде, на бреговите на Вардар, очекуваме возбудливо, напнато и пред се богоугодно финале на купот „Војордан 2004”.

Финалистите лесно ќе ги препознаете: пливачкиот клуб „Автокефалија” настапува во темно сини – да не речам тегет – Спидо гаќи додека екипата на „Автономија” се реши за дводелен костум во интересна нијанса на косовски божур.

Пред почетокот на мечот нашите се загреваат со помош на тиквешка жолта и деколтето на Благица Павловска додека за расположението кај Автономашите се одговорни силиконите на Јелена Карлеуша и бурето шливка препеченица кое селекторот Вранишковски лично го дотркала од село Мрчајевци.

Како што знаете, и оваа година еМ Ви Пи играчите ги очекуваат вредни награди. Синодот на МПЦ обезбеди колор телевизор, 72 сантима, рамен екран, 50 мегахерци додека противничкиот клуб; благодарејќи на своите дарежливи спонзори од север, набави исто толкав телевизор ама на 100 мегахерца ПЛУС декодер за сателитската на Пинк.

Како и да е, сè е подготвено, се чека само официјалниот звук на камбаната и мечот може да започне.  Или како што би рекле на Олимпијада: „Лет д крстс флај!”

***********

Во секој случај, тоа заврши и сега е време да и се вратиме на реалноста. Но, каде е нашата реалност? Вестите најчесто се нејзин прилично ефикасен портпарол, но тие во последно време се толку досадни, што не ни помислувам да ги загледувам. Од друга страна, имам сретнато луѓе кои добронамерно препорачуваат одвреме навреме да се тркне до болница или до гробишта. Онака без некоја посебна причина, колку да се рефрешира листата на своите приоритети, оти нема подобро место за релативизирање на дневните секирации и дневнополитичките магли од болница или гробишта. Таму реалноста те мава директ у глава и те тера да дигнеш рачна. Тоа што месецов не си ги платил сметките или пак јанѕата која те јаде затоа што дента некој на работа те погледал попреку ти изгледаат сосема поинаку откако ќе видиш понижен пациент како си го носи катетерот додека ги влечка папучите по излижаниот линолеум на болничкиот ходник.

Трендо
(само календарски) одамна

19 јануари 2017 - 09:58