Братислав Димитров:

Немој ти мене за Скопје

Темата дали старото Скопје е поубаво од новото, ја наметнаа луѓе кои не можат да живеат без кавга. Тоа им е духовна храна. Во минатото читаа само некролози по бандери, а денес читаат само Фејсбук. Сега чичо Бато ќе ви каже: Градот треба да се сака како дете. Од бебе па сè до староста.

Дали го сакам Скопје? Да, иако имам и поголеми пороци. Еднаш се кандидирав за градоначалник. За разлика од другите кандидати, мојата смисла за хумор ја разбраа само 1.753 гласачи. Таков беше погледот на  мене. А од кое место е најубавиот поглед на Скопје? Од задната шофершајбна на автомобилот.

Кога времето не би се расипувало, климата овде би била идеална. Не сум ситничар и го сакам Скопје во сите годишни времиња. Кога е лето сакам да биде зима, а кога е зима сакам да биде лето. Големата загаденост на воздухот делува позитивно, бидејќи за многу скопјани кашлањето е единствената физичка активност.

Што е пешак во Скопје? Пешак е човек што едвај некако успеал да пронајде паркинг за неговиот автомобил. И бидејќи скопјани се надалеку познати по својата интелигенција, почнаа да купуваат паркирани автомобили. Губењето живот во сообраќајка овде се смета за природна смрт. Затоа пешаците се најсигурни во амбулантна кола.

Како да го сфатиме Скопје? Никако. Скопје е град што не може да се сфати. Најмалку рационално. Затоа биди земјоделец во духовна смисла. Не штеди на имагинација и фантазија. Удри малку и на креација! Мојата огромна љубов кон Скопје им ја намали работата на заводите за статистика на неколку градови во светот. Инаку сега ќе дремев како мисир над некое чајче во Лондон и додека го топам кексот во магличавата и леплива квечерина, умирам од желба за македонското сонце и првите марулки во Идадија.

Темата дали старото Скопје е поубаво од новото, ја наметнаа луѓе кои не можат да живеат без кавга. Тоа им е духовна храна. Во минатото читаа само некролози по бандери, а денес читаат само Фејсбук. Сега чичо Бато ќе ви каже: Градот треба да се сака како дете. Од бебе па сè до староста. Во тој период се случуваат многу убави но и многу лоши работи, но ние не престануваме да го сакаме нашето дете.

Славниот нобеловец Иво Андриќ одамна напишал: „За еден град ќе дознаете многу повеќе ако го прочитате возниот ред, отколку сите книги напишани за него!“ Исто е и со градските графити. „Завршив ликовна академија, сега можам да се сликам“. На уличните контејнери пишува: „Затворено! Попис!“ Во куќниот ред на зградите допишано е: „Не ја тепај сопругата од 2 до 5“.

Родниот град не е тој во кој сте го почнале својот живот, туку тој во кого сакате да го завршите. Тој живее во главниот град а провинцијата живее во него. Од друга страна, некој станал роден скопјанец само затоа што некој сперматозоид бил побрз во Скопје а не во Чешиново и Облешево или во Гармишпартенкирхен.

Дали скопјани можат да бидат подобри луѓе? Можат. Само никој не сака прв да почне. Имаат лошо искуство.

И сега? Што да се каже на крајот? Ништо. Во свечена тишина сите заедно да собереме огромни количества благодарност и да му ги
врачиме на градот херој, а тоа секогаш е Скопје, затоа што нè трпи. Да не беше Скопје вакво какво што е, многумина од нас ќе останеа без работа. Професионални намќори и критичари на Скопје е сè повеќе почитувана професија.

Братислав Димитров

П.С. Како детски цртежи на асфалт, целиот мој живот е на мапата на Скопје. Затоа што во ниту еден град во светот, ѕвездите не се толку блескави, колку во градот на твоето детство.

13 ноември 2023 - 12:24