Ден 7ми (среда, 1.7.2020)
А како седумдести да е. Децата се во филм дека мора да купиме милениче. Се троумат меѓу хрчак, куче и поголемо куче. Со оваа грижа на совеста дека децата се затворени дома кога сите други се надвор, или кај баби-дедовци, ми иде да уловам мачка од улица и да им кажам дека тоа е јапонска кучешка сорта мјау-мјау. Знам дека нема да ми пројде, ама тие сорти што ми ги бараат коштаат колку Форд фокус дизел 2008 година.
Сè уште им е омилено пливање во када и вртење орбитрек, ама утре ке имаат физика – прекршување на светлината под лупа и горење што стигнат на тераса накај 12 саат, кога сонцето мава најјако.
Ние се загледавме тв дуели што водителите амбициозно ги нарекуваат дебати, најчесто помеѓу актуелните и “бившите” актуелни политичари. Знам, пречи на психата, на дигестивниот тракт и е директна навреда на интелектот на гледачот. Ветуваат нешто што и едните и другите имаа можност да го остварат и зошто би го направиле тоа во новиот мандат ако не го направиле во предходниот?!
А, да. Тестот ми е негативен. Тие што им кажав ми честитаат – како да е веридба во прашање.
ДЕН 8ми (четврток,02.07.2020)
Часот по физика (прекршување на сончеви зраци низ лупа) помина доста успешно. Велам успешно – не предизвикаа пожар од локални размери. Научивме како гори хартија, кикирики, чунга лунга мастики и други пластики под дејство на сонце и добро поставена лупа. Часот по хемија ќе го препуштам на сопругата (фармацевт), пошто ја од хемија научив само експлозиви да правам (сертифицирано од АРМ). И да дестилирам етил-метил кај другар ми во Демир Капија.
Знаејки дека не сум биохазард по околина си дозволив во ноќните часови да се симнам до подрум (нека ми простат комшиите и властите). Не е тоа што мислите – ми снемало туршија за ракијата. Подрумот одамна го претворив во работилница. Си знаат тие што имаат проблем со гитарска опрема. Звучи манијачно у подрум у 2 по полноќ, ама си уклучив леткум и мислам дека ќе излезе добро предпојачало за грамофони. Ако е успешно, ќе го крстам CORONA CARANTINA, да се зна! Некако така лирски, музички ми звучи.
ДЕН 9ти (петок, 03.07.2020)
Големата ќерка реши денес да прави обланди. Не знам дали тоа спаѓа во часови по домаќинство или хемија, ама сите тенџериња од кујна ги употреби. Ако јас се прашувам, а не сум пребирлив за благо, ќерка ми го положи испитот со висока оценка.
Таман си помислив дека психички добро се справуваме со куќниот притвор, почна некоја нервоза кај сите по дома без одредена причина. Се помирив со ситуацијата знаејќи дека во ненормални околности таква реакција е нормална. И брзо ја надминавме таа криза, кој со гледање цртани, кој со долги телефонски муабети со старосватицата во Германија и со пола Скопје, а некој со мезе и чашка ракија “од замрзивач”.
Тв дуели и платенаполитичкапрограма повеќе не гледам –уште тоа ми фали.
ДЕН10ти (сабота, 04.07.2020)
Денес станавме порано, се дотеравме како за на приредба и отидовме на тестирање за децата на “мој термин”. Уредно се пријавив во “ Подрачната единица” , а во поликлиниката “Јане Сандански” многу пријатно се изненадив. Немаше редици, немаше гужви, точно на време се тестиравме и еден голем Лајк за лаборантките што на тоа топлото во космонаутски одела беа доволно позитивни и другарски расположени со децата за да нема плачења и бркање по амбуланти. Е, резултати за најмалку 3 дена, до тогаш можат да оздрават и пак да се разболат и ништо од тестот да не важи, ама ајде.
Конечно ме посетија органите на редот. Културно: Тука ли сте –тука сме, фала, пријатно.
А богами и Санитарен Инспекторат не нè заборави. Ни ги пратија решенијата за самоизолација по Вибер. Јас разбирам дека мора да работат од дома, ама сликата од Решението на покривка од тросед со леопардов принт???
Можеа барем на маса со милје да ја сликаат хартијата.
Под влијание на политичариве на телевизија што ветуваат сè и сешто, и јас почнав да се расфрлам со ветувања. За помалата - златна рипка што ке и ја исполнела желбата и да јавала коњ што нема да го држат додека е качена, а големата поскромно –обиколка на сите шопинг центри во радиус од 7 километри + Сити Мол. Важам за човек од збор што ги исполнува своите ветувања, ама правно, ветувања дадени под притисок и немаат голема морална тежина. Единствен проблем ми е, што за разлика од нашиов народ, моите ќерки тешко забораваат, посебно ветувања од татко.
ДЕН 11ти (Недела, 05.07.2020)
Денес глумиме нормална семејна недела. Кременадлите се одмрзнуваат, јас се спремам да лупам компири и да правам шопска. Совесно се придржувам до препораките на лекарите и пијам многу “течности”. Не толку многу концентрирани течности, имам деца за чување.
Се двоумам меѓу политички дебати и музика на Јутјуб. Не се двоумев многу, па не знаете како добро се лупат компири со Херби Хенкок, Колтрејн и Били Кобам на слушалки.
За вечер спремаме диско вечер, на звучници, со лајт шоу, со све. 80ти ќе прштат, од Мадона до Тон Лок. (Нека ни простат комшиите, again)
Владо
* првиот дел - тука