Карантински дневник

Невестата е подобро, повторно е спремна за расправии како Апасиев за дебати. Тоа е добар знак, се враќа во нормала.

Ден 0 (среда 24.06.2020)

Сопругата се тестираше на работа и ѝ кажаа дека тестот е позитивен. Во меѓувреме почнаа и симптомите, типични за грипов. Знаевме што не чека –цело семејство затворено дома наредните 14 дена. За тоа требаше и соодветни подготовки, да не речам логистика. И така композиција од колички за пазарење се слејаа во гепек, со лебови, меса, кисели води, сокови, виршли, паштети, зеленчук, чоколади,грицки, тоалетна хартија... и една штека цигари за тато. Преамбициозно за некој што пуши штека неделно, ама па ај да видиме, можеби ќе издржам.

Покрај стравот како жена ми ке ја прележи коронава, се плашам и како ке издржат деца на 6 и 11 години да не излезат од дома цели 14 дена. Треба да смислам бааги активности што ке ни го направат поподносливо постоењето во 53 квадрати +3 квадрати тераса (со поглед на љуљашки, што додатно ја отежнува ситуацијата)

ДЕН 1ви (четврток, 25.06.2020)

Вообичаени повици од работа, клиенти, вработени, соработници. Кажувам дека не сум на работа, без да објаснувам што и како, освен кога морам. Добро е, еве го 3 саат, време лети. Правам некој план за анимација на децава, да го направам награда карантинов, а не нужно зло, со квалитетно потрошено време со принцезите. Во нормална ситуација попладне или сме на љуљашки или возат точак, а јас трчам по нив, што го сметам за физичко. Моја двонеделна резолуција е мора фитнес во услови на двонеделен карантин. Го извадив Орбитрекот од најзафрлениот ќош на станот, ја избришав прашината, му ставив рачки, го подмачкав и....Бинго! Децата не се симнаа од машината цел ден. Интересно им беше да вртат со раце и нозе и пак се во место. Се надевам нема да им здосади за 2 дена.

          А јас? Стартувам со 107,2 кг, поретко се мерам да не ја расипам вагата (и да не ме удри депресија). Ако дојдам на ред да вртам орбитрек се надевам дека ке убијам некоја калорија за пола саат лаганица вртење уз музика или гледање Тв. Реално, повеќе калории се губат ако ги гледам предизборните спотови на тоа партиите, па да почнам да им спомнувам фамилија и на едните и на другите и на третите! Ништо, ке мора режим  како во војска, не да станувам во 5, ама склекови, стомачни, фискултура. Баш ме интересира дали на 14тиот ден ке можам да направам 7 ипол склекови во серија, а да не ми се покачи крвен притисок на 6 бари. Времето ќе покаже.

Со жената дојдовме до заклучок дека ограничувањето од 1 саат мобилен дневно за децата не важи во вонредна ситуација, па така мобилните ги полниме по 3 пати дневно, што за нас, што за децата.

На фејсбук страницата на нашата зграда објавивме дека имаме позитивен у куќа и дека сме во самоизолација, зошто тие од 3ти спрат  што беа во истата ситуација минатиот месец комшиите ги критикуваа дека не биле предупредени. Откако културно се “чекиравме” стигна лавина од “со помин да е и за сé што треба да се испазари и слично слободно кажете “ пораки. Убаво е чувството кога знаеш дека не си сам во бедава.

ДЕН 2ри (петок, 26.06.2020)

Ова го пишувам во 22 часот. Сега се измерив 108,0 кг. Денес ни физичко ни ликовно немав. Ама затоа имавме Брза географија, го раскажував филмот Тарзан (оној со Џони Вајсмилер) и рокавме класика на звучници. На барање на децата одеше 5та симфонија на Бетовен, па 9та, па удривме едно оро на Турскиот марш, па некој саундтрак за танцување. Правевме и колут напред назад (множинава се однесува за децата, не за мене). Големата се шминкаше и црташе фустани, а малата ни шпарташе по живци, како и обично.

Ручавме едно пет-шес пати и веќе почна да ѕирка задната страна од фрижидерот, а така беше накрцан што мислев дека ке се деформира. Ваљда и јадењето ќе ни здосади па ќе олабавиме малку.

Си ветив и дека ќе прочитам и некоја книга, па макар и “Мерење на фазни и фреквентни изобличувања на засилувачи во АБ класа “ ама како тргна со склековите, ќе си останат и книгите недопрени... Ќе видиме.

ДЕН 3ти (сабота, 27.6.2020)

Лани ова време бевме во Грција на плажа. Им реков на децата: - Замислете си дека сме во Грција, ама секој ден врне и сме затворени  во апартманот?!

Не можеа да си замислат и бидејки терасата е мала, бањата ја претворивме во покриен базен и гњуреа во када 2 саата. После нормално огладнеа од многу пливање и пак се повикавме на институцијата шпорет.

ДЕН 4ти (недела,28.6.2020)

Види ДЕН 3ти, што би значело – или ме мрзи да пишувам или немало ништо интересно.

Море, ај ќе пишам нешто. Морав на кратко да го саботирам карантинот и во ноќните часови излегов да го фрлам ѓубрето. Со толку кеси во рака и маска на глава не верувам дека некој комшија од балкон ќе ме познаеше во 2 саат ноќе.

Се молам батеријата од вагата да се потрошила, осеќам зачараниот триаголник фрижидер-шпорет- веце шоља кој е цело време е на рипит ќе покаже лошо на вагата. Ќе бидам во недоумица дали мери во килограми или либри.

ДЕН 5ти (понеделник,29.6.2020)

Од Јавно Здравје уште нема абер да дојдат да нé тестираат, ама со вродената упорност генетски всадена кај Македонецот успеавме да добиеме термин за да се тестираат децата на 4ти јули. Јас сум немал симптоми и мене нема потреба да ме тестираат?? А од работа прашуваат, страв им е на тие што биле во контакт со мене, да не сум и јас позитивен. Нема друго чаре, ќе мора приватно да правам тест. Е имало некој закон, додека сум во самоизолација, ако треба да одам да се тестирам, се јавувам во МВР да ми дозволат да одам во некоја лабораторија да се тестирам, без да ме казнат што ја прекршувам самоизолацијата. Ама и тука беља, нема јас кога сакам (иако треба да цалнам 4 илјадарки), термините се пополнети и закажуваат за 2-3 дена. Со врски ми закажаа за утре, 30ти јуни.

Невестата е подобро, повторно е спремна за расправии како Апасиев за дебати. Тоа е добар знак, се враќа во нормала.

ДЕН 6ти (сабота 30.6.2020)

Се јавувам на 192 да се пријавам дека одам на тестирање. “Господине, ќе се јавите во Вашата Подрачна Единица “. Малку ме збуни, ми звучеше како текст на Рамбо Амадеус, ама сватив, да се јавам во Полициска Станица Ново Лисиче. Се јавувам и “Господине, па за Вас нема решение за самоизолација “, или во превод –технички не можат да ме казнат дека излегувам од дома затоа што нема Решение дека мора дома да седам. Ама ќе бидам осуден од здружението Komshy Lives Metter. Кој ќе ја слуша после цела зграда: “Па ти комшија можеше сите да не заразиш”

Стигнав до лабораторијата во закажаниот термин. Знаев дека не земаат брис внатре, туку на паркинг. Се најавив дека сум “паркиран” а на паркингот веќе имаше една лаборантка наоружана со скафандер, стапчиња за земање брис со должина на мотка за скок во височина и апаратче за платежни картички. По  15 минути дојдов и јас на ред. Непријатно малце – над паркингот 3 кафиќи и додека снајката бута стапче у нос (мислев од уво ќе ми излезе) тие што горе пијат кафе сигурно се кладат кој пациент ќе поврати. Да не зборам стапчето за грло кај ми отиде. Уште некој сантим и на нафта ќе налеташе. Заврши девојчето со бушотината, си платив поштено и тргнав накај дома.

Какво е чувството возење низ град после 6 дена меѓу 4 ѕида? Ништо спектакуларно. Раздвиженост по улици и надстандардно нервозни и безобразни шофери. Дали ради избориве, дали ради коронава што им ги утепа бизнисите, дали што беше 36во сенка. Не знам ама не уживав нешто посебно во on the road again.

Владо

1 јули 2020 - 12:00