За два дена во Бугарија ќе се одржат избори. Пред точно 45 години, на денешниот датум во тогашната Бугарија т.н. „задунајска руска губернија“, исто така се одржале избори.
На нив бил реафирмиран статусот на неприкосновениот бугарски автократски владетел Тодор Живков, популарно познат како „тате од село Правец“. Тоа е човекот којшто е директно и непосредно заслужен за партискиот комунистички став од 1963 г. којшто од тогаш станува официјална бугарска државна политика, а во основа е една шизофрена позиција на Бугарија кон Македонија која во однос на историјата е комбинација на негирање, присвојување и плукање на сè што е македонско. Тој е „тате“ т.е. авторот на одвратната бугарска наци-шовинистичка пропаганда кон нас Македонците, која во рециклирана форма безмалку катаден ја слушаме и гледаме од сите сегашни официјални и неофицијални функционери и претставници на Бугарија, во што предничат бугарските т.н. „европски“ пратеници од типот на Андреј Ковачев и онаа траги-комична креатура Џамбаски, коишто пред разните тела на ЕУ глумат „демократи“ а всушност се мизерни тодорживковистички апаратчици кои везден блујат антимакедонски глупости.
За неупатените сегашниот и неколкукратен бугарски премиер Бојко Борисов долги години му беше телохранител на „тате“ Тодор Живков. (види:Кога младиот Бојко хранеше тела)
Во прилог доставувам исечок од оригиналот и мој превод на извештајот на американскиот дописник на Њујорк Тајмс испратен на 2 април, а објавен следниот ден на 3 април 1976 г. Прочитајте како пред точно 45 години изгледале „изборите“ во Бугарија, најверниот советски сателит во редот на земјите од источниот блок.
Обрнете внимание на претпоследниот пасус, којшто на скенот го означив со црвено:
„Бугарските комунисти го именуваа Живков да го задржи лидерството“
Од Малколм Браун
Специјално за Њујорк ТајмсСофија, Бугарија, 2 април (1976)--Тодор Живков чијшто мандат како комунистички партиски лидер го надминува сечиј друг во земјите на Советскиот блок, денеска беше повторно назначен на чело на бугарската комунистичка партија за нови пет години.
Живков кој има 64 години, денеска го заврши единаесеттиот конгрес на неговата партија пеејќи руска песна, рака под рака со Фјодор Кулаков, членот на советското политбиро којшто ја предводеше советската делегација на конгресот.
Три членови на владејачкото бугарско партиско политбиро, Тодор Павлов, Иван Попов и Живко Живков неодговорно беа отстранети, намалувајќи ја големината на тоа тело на девет члена. Бугарските официјални лица велат дека помалата големина ќе ја зголеми ефективноста на гласањето во политбирото.
Без политичко значење
Отстранувањето на трите члена нема никакво очигледно политичко значење. Бугарија секако останува најлојалниот сојузник на Москва во Европа. Бугарските домашни политики ќе останат авторитарни како и досега и Живков останува да биде апсолутен национален владетел.
Како што е вообичаено, гласањето на партискиот конгрес, коешто теоретски е највисок израз на „социјалистичката демократија“ беше едногласно.
Излагањето на Живков на конгресот беше испечатено однапред во форма на книга, којашто беше поделена откако тој го одржа неговиот говор. Книгата завршува со нагласување, коешто е исто така испечатено однапред, во кое се вели: „Излагањето често беше прекинувано со спонтани аплаузи и неговата завршница беше проследена со силен, продолжен, непрекинат аплауз којшто се претвори во овација.“
Живков стана прв секретар на неговата партија во 1954 г. по смртта на Сталин. Тој беше назначен на врвната партиска функција од неговоиот претходник Волко Червенков, кого што успеа да го прочисти (отстрани) седум години подоцна.“