Повеќе нема сомневање, третиот - есенски пик не е само поголем, туку и пострм од вториот, јунски пик. Првиот пик повеќе не го споменуваме, тој беше само загревање за ова сега. Ако после Рамазан бајрам кумулативната инциденца растеше праволиниски, од 8 септември до денес гледаме дека расте квадратично. Ова убаво се гледа на дијаграмот на втората слика. Од 66,3 до 135,6 на 100.000 жители кумулативната инциденца се дуплира за само 30 дена. Навистина изгледа застрашувачки!
Графикот на активните случаи (црвената линина на дијаграмот на четвртата слика) ќе личеше речиси идентично на овој дијаграм со највисока трета грпка доколку и сега се затвораа случаите со контролни тестирања. Автоматското затворање по 18-19 дена засега прави третиот пик на активните случаи да не биде толку висок, ама и тоа нема да трае вечно. Со ваков експлозивен раст на бројот на нови случаи наскоро веројатно ќе видиме и 4.000, па 5.000 активни случаи...
Сепак, забележуваме еден охрабрувачки податок. Многу високиот дневен број на лабораториски дијагностицирани за среќа не доведе до пропорционален раст на бројот на хоспитализирани. Иако веќе 8 дена се соочуваме со многу високи дневни бројки на нови случаи (просечно двојно повеќе отколку во вториот пик, на дијаграмот на третата слика), бројот на хоспитализираните дури денеска се изедначи со претходниот рекорден број од 425. Среќа што е така, затоа што гледаме дека во болниците состојбата е, најблаго речено, тешко издржлива.
Стапката на смртност, исто така, деновиве с уште е пониска од вкупната стапка на смртност од почетокот на епидемијата до денес, иако летото е далеку зад нас. Ова покажува дека, иако преносливоста на вирусот расте, неговата штетност по здравјето со текот на времето опаѓа. Ова е многу логично, бидејќи единствената цел на вирусот е само да се размножува. Ако го убие домаќинот тогаш ништо не би направил и со текот на времето би исчезнал, како неговите сродници САРС КоВ-1 и МЕРС. Но овој вирус мора помалку да убива за да може да се размножува, во што е многу успешен. Заклучокот е дека овој вирус можеби ќе продолжи да станува сè побезопасен, за на крај Ковид-19 да премине во некаква ендемска болест која ќе ги убива само најмалку отпорните. Сепак, тоа не треба да биде причина за разуздано однесување, затоа што со нашето невнимание можеме да заразиме и убиеме многу стари, болни и неотпорни луѓе.
На крај да ги видиме решенијата на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата за наредните 15 дена, на дијаграмот на четвртата слика. Забрзувањето ќе трае уште некое време, после што би требало повторно да премине во линеарен раст (како во летните месеци), но со една битна разлика: дневните бројки на нови случаи нема повеќе да бидат околу 100, туку 200, 300, а можеби и повеќе, зависно од висината на пикот. Тоа е ефектот на инерција поради пресимптоматската трансмисија и поради кој не требаше да се дозволи вакво разгорување на епидемијата. Од тие високи бројки враќањето во нормала ќе трае 3-4 пати подолго, со голем број на починати, ако здравствените власти сепак не се одлучат на „шок терапија“, односно соборување на дневните бројки со локдаун, како единствена вистински ефикасна мерка, барем во македонски услови.