ФАЛА БОГУ ШТО СУМ АТЕИСТ
Добро, ќе ми објасни ли некој паметен како тоа ќе функционира ако Јован успее? Да речеме, на Водици ќе се фрлаат два крста од Камени мост? Или ќе одиме башка-башка откако ќе завршат верските преговори за тоа кој во кој термин ќе џитка? Или можеби ќе прибегнеме кон резервната света тајна наречена „петка-глава?” Онака, како на фудбал – ние бираме мост а вие бирајте река. Или пак во духот на екуменизмот мудрите великодостојници ќе се согласат истовремено да фрлаат од исто место? Само што тогаш, пливачите од двете екипи ќе мораат да носат различни дресови, колку да им олеснат на коментаторите. Да речеме:
„Почитувани гледачи, овде, на бреговите на Вардар, очекуваме возбудливо, напнато и пред се богоугодно финале на купот „Војордан 2004”. Финалистите лесно ќе ги препознаете: пливачкиот клуб „Автокефалија” настапува во темно сини – да не речам тегет – Спидо гаќи, додека екипата на „Автономија” се реши за дводелен костум во интересна нијанса на косовски божур. Пред почетокот на мечот нашите се загреваат со помош на тиквешка жолта и деколтето на Благица Павловска, додека за расположението кај Автономашите се одговорни силиконите на Јелена Карлеуша и бурето шливка препеченица кое селекторот Вранишковски лично го дотркала од село Мрчајевци. Како што знаете, и оваа година еМ Ви Пи играчите ги очекуваат вредни награди. Синодот на МПЦ обезбеди колор телевизор, 72 сантима, рамен екран, 50 мегахерци додека противничкиот клуб, благодарејќи на своите дарежливи спонзори од север, набави исто толкав телевизор ама на 100 мегахерца ПЛУС декодер за сателитската на Пинк! Како и да е, сè е подготвено, се чека само официјалниот звук на камбаната и мечот може да започне. Или како што би рекле на Олимпијада: „Лет д крстс флај!”
„Фала богу што сум атеист”, знаеше своевремено шеретски да изјави маестро Буњуел. Да живееше овде, чичко Луис тоа ќе го повторуваше по трипати на ден, како Оче наш. Оти, не верувам дека има нормален човек кому веќе не му се огади овој црковен МПЦ – СПЦ хорор кој кај нас се прикажува под наслов „Али Јован и 40-те монаси”, а Србите веројатно го титлуваат како „Леси се врача кучи”. Јеби га, знам јас дека Тој сите нив ги сака. Само мене тоа некако тешко ми оди!
Ај прво за другите. Мислам дека можеме да бидеме до толку фиљан луѓе па кон владиката Јован и неговите тазе прогледани монаси да покажеме великодушна сомилост. Сомилост да бидат игнорирани. Онака комплет, или што би рекле Србите – комплет. Одете браќа и сестри, слободни ви се сите патишта, особено преку Бујановац. Баш така, по рецептот на отец Максим а.к.а. Мето кој на времето визионерски отпеа: „Отвори го пенџерчето, се загушивме, ќе поцркаме”. Знаете, колку да не си ги вознемируваме душите со пацери како Вранишковски кој ни ги дупна ушите со рефренот дека МПЦ не чини, како да беше малолетен или малоумен кога од истата таа понизно ги примаше чиновите и синекурата.
Главата на нашата црква се наоѓала некаде во скутовите на српските попови? Ама ајде! Аут оф џенерал принсипл е глупаво да се прифати тоа. Ама не нè признаваат?! Ама ако де! Ние бре, имаме директна врска со Горниот. Па нема ваљда СПЦ да ни бидат оператор? Ама, не можеле монасите да сослужуваат со браќата од другите цркви? Ама бре, не се работи за Евровизија. Нели поентата беше, во мирот на манастирската молитва да се цели кон спокојство на духот и соединување со Севишниот? Од каде сега одеднаш сите тие литании дека малите не можеле да акаат по светот и да се дружат со колегите? Ама автокефалноста на МПЦ не била изведена „бај д бук”? Ама, не ме заебавајте!? Знаете, и јас имам забелешки на извесни потези на Кромањонецот. Мислам дека Хомо Еректусот прерано се исправи. Избрза волот. Ама фактот дека не сум баш најзадоволен од тоа како се одвивал процесот на еволуција од мајмун во човек, не значи дека инсистирам да ја исправиме грешката така што сега сите пак ќе се вратиме на мајмуни.
Туку глејте ги нашиве жреци. Катастрофа. Дури откако Јован почна јавно да ја пее „Знам за један град зове се Београд”, овие му накалемија еден тон гревови. Те крадел пари, те брзо возел, те Рифле носел, уште да почнеа да нè убедуваат дека човекот мали деца јаде за ужина. Претходно за ова - мукла! Да не мрднеше Јован со опашката, ден-денес ќе си седеа заедно на софра, во братска љубов и заемно почитување. Па го имате дедо Кирил со она звоцање дека се работи за „злосторнички акт за разнебитување...” Побогу, истиот говор со кој токму поповите на СПЦ се „прославија” во онаа налудничава српска стратегија од 90-ите наречена „прво попови па после топови”. Нели му текнува на нашиот дедо дека злото е во јазикот и дека таквата матрица не може да донесе ништо арно?
Следи апсењето на Вранишковски по „анонимен повик поради бучава и мирис на темјан”. Прости им Боже, цајкани се. И што ако од кај мојот комшија некој ден замириса на зелка? Треба да побарам човекот да лежи робија заради тоа? Или она дека Јован „вршел богослужба во својот стан”. Па? Нели не го пуштаме во црква, каде да се моли човекот? Ај да не ви кажувам какви сè обреди се прават кај мене дома во чест на богот Боб Марли, да не си качувам џабе полиција на врат.
Капак на бруката е лепенката за „ширење расна, верска и национална омраза”. Оние Учкине со ножови резбареа луѓе па денес шетаат слободни, ама затоа на Јован на раат се изнавежбавме апсење лица опасни по нашата расна, верска и национална идила.
Па оној ударнички фронт за одбрана на црквата. Владата, опозицијата, треќата опција... уште да се јави и здружение на атеисти па да застане во решителна одбрана на автокефалноста на МПЦ. Единствена утеха (што би рекол Саше Фактор Икс: смирение, спасение...) во целата оваа скандализирана атмосфера наоѓам во информативните бисери кои по овој повод лефтерно се нижат по нашите медиумски ѓердани.
Моментален фаворит ми е онаа вест која под наслов „Јован со Алелуја во притвор” нè збогати со сознанието дека при спроведување во Судот „Јован, на очиглед на вработените ја потпевнуваше познатата Алелуја”(?!?) Што, демек, види го ти него безобразен? Пу, пу, Јоване, високотонски расколнику. Е, јеби га, луѓе, а со што тоа ние би биле задоволни? Со „Фато мори душманке” и тоа не „на очиглед” туку исклучиво „во себе?”
И сега што? Нот мач. Би било фино да го пуштиме Вранишковски, да ги си пуштиме срцата и да си го пуштиме, на пример... Гоце Арнаудов.
Ако грешам, нека изгорам.
Трендо