Со стариот мој порано имавме идеолошки спор околу поентата на рекламирањето. Како што Карла во Хашкиот трибунал гледа можност да си ја зголеми основицата за пензија, а Слободан шанса да одмори од фамилијата (те синчето сака да си ги крати клемпавите уши, те на ќерката уште не и стигнала новогодишната сарма; да имам јас такви „укуќани”, сам би си резервирал апартман во Шевенинген), така и ние двајца различно ја толкувавме смислата на рекламите.
Стариот мој тврдеше дека се рекламира само чкарт стока за да се прелажат луѓето (скр: ЕПП – опиум за народот). Кога ќе ја слушнев оваа антикапиталистичка теза, јас почнував да го дрвам за смислата на адвертајзингот, бренд билдингот, таргет маркетингот. Тој само одмавнуваше со рака финиширајќи: „Батали тоа, рекламираат зашто не можат да продадат. Да му одеше добро на производот – немаше да се мачат да не убедат дека му оди добро”.
Откако ќе наидев на ваква тврда позиција, ќе направев едно „грррр...” и демонстративно ја напуштав преговарачката маса (нормално, ако веќе бев завршен со ручекот; ако не бев дојаден, доброволно останував на неа до истекот на мандатот).
Дури деновиве сфаќам дека стариот мој имал право. Дека неговата теорија за бофл стоката и рекламирањето била хевристички поплодна од моите милозвучни мантри облечени во презент контињус. Добога, гледајте по телевизиите, радијата и билбордите: убедливо најрекламиран производ во државава е – државата! Ја има насекаде, во сите облици, на сите канали, во вхс, бета или офсет форма. Им се нуди на конзументите, им фрла ишарети, буди желби за плаќање данок, за секс со акцизи. Решила државата да ја засакаме по секоја цена па ни објаснува дека буџетот е една пица на парче, дека со плаќањето данок решаваме кардиоваскуларни проблеми, дека администрацијата била сом а требало да биде гирица.
Веројатно не постои министерство кое не одрекламирало некој свој потег или идеја: биди тигар, не фрлај хартија на улица, не пиј толку вода, јас сум твоето ддв и ти друго ддв освен мене немаш, пакувај го убаво своето магарешко месо за да те наградиме за дизајн, јебеш вредност – барај хартии од вредност...
Посебно ми се интересни спотовите на јавните претпријатија. Електростопанство на пример. Се рекламира како да јас можам да бирам од каде ќе купам струја. Демек, ми доаѓа туѓа струја по жиците, јас ја пречекувам на штекер како Јеховин сведок на врата, таа се фали дека вари јајца побрзо од другите а јас и викам: Не фала, јас сум на ЕСМ, ене ми стојат неколку канти струја – за недајбоже – во шпајз.
Комотно можеш да направиш дил со владата: отвораш телевизија и се издржуваш од државни реклами. Ем ти си шајни хепи од апанажата ем државата може после да се фали во Совет на Европа колку кај нас се поттикнува приватната иницијатива во медиумите.
И сега, наместо да уживам во полуголи девојки кои си играат со немирни сапунчиња или да се топам пред очувани тетки кои заносно инхалираат некоја јебитачна супа, јас во епп блоковите ќе комуницирам со државата: полуосветлена соба, свеќи енд орхидеи, мандолинс енд виолинс, Болеро од Равел ги загрева тактовите; во свилена постелнина лежи нашиот по-лугол министер со куп закони околу себе. Харем од закони. Разгаќениот зема еден од законите, почнува да го гали по завршните одредби, но бргу се заситува и се фрла во прегратките на друга конкубина. Реденката трае извесно време но на крајот министерот останува сам, осамен и тажен. Собата се затемнува, а сугестивен машки глас го кажува слоганот на кампањата за почитување на законите – „Ко бира, мастурбира”.
Брб. Се разбира, главната дилема не е дали државата ни е бофл, туку како да не биде таква. „Никако, сите ТИЕ се исти” – ќе проговори колективната летаргичност мислејќи на нашите досегашни искуства од славните Ганс енд Роузис (македонски: ВМРО и СДСМ). Ќе навиваме за избори, а ќе се плашиме од нив. И пошто секоја дилајла има некаков став околу изборите, консеквентно – и јас имам став околу изборите. Моите предлози не се однесуваат на датумот или на изборниот модел.
Моите предлози се радикално недемократски и се однесуват на дебели реформи на избирачкиот список. Значи, Трендо инсистира од избирачкиот список да бидат избришани сите оние кои ги тераат децата да се јавуваат на 0500 квизови и откако ќе го слушнат прашањето веднаш да побараат помош, сите оние кои далечинското го држат во пластично кесе, оние кои те прашуваат дали го знаеш вицот и ќе ти го кажат прво крајот а после ќе го почнат од почеток, оние кои своето прашање до тв гостинот неколкупати си го прекинуваат со идиотското: „ало, ме слушате ли?”, оние парови кои на плажа си стискаат црнки еден на друг, оние жени кои брзо возат по улици, оние мажи кои брзо возат по улици, оние кои локаат само кога пијачката е бесплатна, оние кои купуват пластично цвеќе, оние кои не ја плакнат кадата откако ќе се избањаат...
Ете ти заебанција, пак погрешно си ја испланирав странава. Треба територијално да се проширам до следната корица за да ги образложам детално моите амандмани во врска со избирачкиот список. Муабетот ми е, ако излезат сите тие на гласање, зошто јас треба да се надевам дека ќе добијам поинаква влада од овие што ги имав во последнава декада? Драги мои гласачи и консензуално подраги гласачки, не се плашам јас затоа што ТИЕ се исти. Уплав ме фаќа кога ќе помислам дека НИЕ сме останале исти.
Трендо, две илјади и некоја