Минималната производствена цена на електричната енергија од РЕК Битола од грчкиот јаглен е најмалку 142,3 евра/MWh(e).
Ако споредиме со цените на берзата за електрична енергија кадешто неделава просечната цена изнесувала 67,94 евра/MWh, односно 72 евра/MWh со вклучена 6% мрежарина, заклучуваме дека производствената цена на електричната енергија од РЕК Битола е двојно повисока од цената на увезената електрична енергија.
На секој произведен 1 MWh електрична енергија во просек сме правеле непотребна загуба 70,3 евра/MWh, односно 6,83 милиони евра месечно или 82 милиони евра годишно.
Ова е чиста загуба поради работењето со скап, грчки јаглен, во однос на варијантата со увоз на електрична енергија. Оваа едногодишна произведена загуба изнесува точно 60% од цената за изградба на една нова гасна централа од 140 MW, од рангот на контроверзната централа на „Митилинеос“. Ако не се произведува само 1,5 година со скапиот грчки јаглен, а во меѓувреме се увезува струја, од заштедените пари без Митилинеос би ја изградиле гасната централа и тоа без едно евро кредит! Наместо тоа, домашните предавници (во вистинска смисла на зборот!) нé предаваат во грчко енергетско ропство - како со увозот на јаглен, така и со гасната централа на Митилинеос.
Немале пари за градба на гасна централа, а имаат за увоз на скап јаглен преку приватни компании, за да произведуваат загуби, што ги плаќа државата преку субвенционирање на половина од цената на електричната енергија. Населението е задоволно, тие што се богатат од увозот се задоволни, а крајната сметка ја плаќа буџетот на Македонија, односно индиректно сите граѓани.
Накратко кажано, РЕК Битола им треба само за да прелеваат државни пари во приватни џебови. Не постои никаква економска логика или оправдување за оваа пропаст да продолжи. Ова не значи дека РЕК Битола треба да се затвори, туку напротив - треба домаќински да се работи.
Грчкиот јаглен засега учествува со помалку од 1/4 во вкупното производство, поради што вкупната цена на сето производство од РЕК Битола е пониска, но сепак изнесува околу 110 евра/MWh, што е премногу. Не толку одамна, во 2022 година, таа изнесувала 58-60 евра. Токму поради комбинирањето на домашниот и увозниот јаглен е многу тешко да се открие измамата. Цената претставува комбинација од цените на евтиниот домашен и скапиот увозен јаглен, но цената од увозниот е како што видовме претходно, најмалку 140 евра/MWh, што мора итно да престане.
Доколку ископуваме само домашен јаглен, што е можно доколку се вратат вистинските, чесни раководни лица во рудникот, сменети заради оправдување на потребата за увоз на скап јаглен, ситуацијата би била значително подобра. Самиот Ковачевски кажува дека цената на увезениот јаглен е 5-6 пати повисока од цената на домашниот.
Се разбира, најекономичното и најправилно решение би било во рудниците на РЕК Битола исклучиво да се ископува со сопствена механизација и со сопствени работници, но дури и со ангажирање на приватни компании, ситуацијата би била многу подобра отколку да се увезува јаглен од Грција и Албанија.
Да заклучиме. Преку РЕК Битола во државата се случува епски грабеж предизвикан од недомаќинско работење, што не се истражува од страна на ОЈО. Очигледно државниот јавен обвинител не знае за криминалот или пак не дозволува да започне истрагата, за да може оваа измама непречено да се одвива. Доколку не знаел или нешто не му е јасно, нека праша и ќе му ги кажеме бројките, до кои што можел да дојде и самиот, со анализа на јавно достапните податоци.
Најмалку што може да се стори е електраната да сопре со работа, а сé до расчистувањето на случајот и отпочнувањето со сопствено домаќинско ископување - да се увезува поевтина електрична енергија. Увозот на грчки јаглен мора да запре веднаш.
Нека не се чудат отпосле што првата задача на идната власт ќе биде расчистување на овој криминал и сместување на виновниците зад решетки. Има изобилство на инкриминирачки материјал, а трагите не можат да се избришат.
Другови, долази време ќорке...
проф. Дејан Трајковски