Како Мате и Фахрудин го опљачкаа Кирк Даглас

„Боро и Рамиз“ во старата држава беа синоним за тоа како различната етничка припадност е небитна пред другарството, слободарскиот дух и желбата да се победи заедничкиот непријател. Но, тоа братство- единство знаело да биде склопено и за поприземни каузи и мотиви. Се враќаме во 1984 година, во Сараево.

Кафаната се викала Уна, приватен угостителски објект во сопственост на Фахрудин Шехиќ кој за време на Зимската Олимпијада во Сараево го посетиле Кирк Даглас со свое осумчлено друштво.

Јаделе, пиеле, сè како што треба. Требале да платат 4.500 југословенски динари а им побарале и платиле десет пати повеќе.

Приказната на Фахрудин

Газдата кој е горд на книгата на впечатоци во која биле запишани имиња како Ингемар Стенмарк, Бранко Мамула, глумците од Југословенско драмско... (и никој не се пожалил дека бил одран во Уна), тврдел дека го јаде општонародниот резил ни крив ни должен. 

Дента кога таа вечер дошол Кирк Даглас, нему за келнер му се понудил некој Мате од Ријека.

„А кај мене работа колку сакаш. Го земав да служи, не го ни пријавив, мислев дур е Олимпијадата...“

Фахрудин лично го служел славниот американски актер и друштвото. Некаде пред фајронт тој заминал во набавка на месо за утредента. Жена му на Фахрудин направила поштен рачун од 4.500 динари, ама Мате додал една нула и наплатил 45.000.

Кога Фахрудин се вратил во Уна, ги немало веќе ни Кирк Даглас ни Мате. Ги опљачкал и гостите и газдата. Чича мича.

Приказната на инспекторот

Хостесата која таа вечер го придружувала Даглас, исто како и другите од друштвото, тврделе дека цела вечер, Фахрудин не само што ги послужувал туку и им наплатил - лично. И тоа во долари - 400.

Епилог

Уна веднаш била затворена. 

Фахрудин Шехиќ покајнички ги вратил 400-те долари и замолил тие да бидат дадени во добротворни цели. Тврдел дека така размислува бидејќи и самиот донирал 10 милиони динари за Олимпијадата. Сарајлии коментирале „Дал 10 па сакал со еден потег одма дa врати половина.“

За време на таа Олимпијада, по итна постапка биле затворени уште три угостителски објекти во Сараево, заради дерење (главно странски) муштерии.

 

1 октомври 2024 - 11:23