
"Оваа година одморот го поминав со фамилијата на море. Јас, сестра ми и помалиот брат. И татко и мајка. Јас одев секое сабајле по леб а тато поручек пиеше на најголемата вруќина.
Само два дена не одев на плажа зашто се исфрлав од нешто. Вториот ден на море тато ја прекрши мајка пред народ. Никој не се ни сврте. Таков е народот. Мајка ни викаше дека вујко Ибро ќе го искрши тато кога ќе се вратиме. Вујко Ибро е со самото тоа брат на мајка ми. Он е муслиман ко и ние.
Се заљубив во Сандра, она е пола- пола. На мајка не ѝ беше сеедно во врска со тоа. Сандра е одлична во школо. Има големи плави очи. Кога ме пољуби, ми се сврте. Дада се набоде на еж. Врискаше два саата. Кога ја однесовме на доктор, он рече дека не е еж него срча. Ногата ѝ загнои и моравме назад.
Једино се израдуев што вујко Ибро ќе го искрши тато. Бидејќи доста беше негово малтретирање.
Кога дојдовме дома, вујко дојде да се поздравиме пошто он се враќа назад во Америка. Мајка не му кажа ништо за тато. Мене ми запрети да ќутам. Вика, нејќе душманите да се радуваат. Нејќе ни да се секира вујко. Малку ли му е фирмата. Два пати му пука чир. Ја прашав какви душмани а она вика дека и онака никој не гледа своја работа туку едвај чекаат некој хаос. Во комшилук. Таков е народот.
Оваа година, помалиот брат тргна во прво одделение. Он е исти тато. Првиот ден два пати се степал. Мајка плачеше а тато му го одзема Тоблеронето. Таков е тато, само да е контра на сите. Учителката кажа дека препорачува внимание од родителите.
Мислам дека кога ќе се врати вујко Ибро од Америка, тато ќе мора да се сели од куќа. Мајка предала за развод. Уште не смее да му каже, ама сигурно ќе му каже. А народот нека јаде говна. Не се мажела она за народот“.