Зимски прегратки: Крем супа од пашканат

Во свет каде што луѓето се подготвени да платат богатство за тригери на квази-егзотичност (читај: авокадишта), постои еден коренаст зеленчук што го посматра целиот тој хаос со благ презир. Пашканатот. Овој стар коренест мудрец не го засегаат никакви трендови, ниту пак се проституира за внимание како би дошол до Био-сертификат. Си дреме, си одмара и си пашка. Пашканат.

Меѓу "андерграунд" зеленчуците, пашканатот веројатно е "најандреграунд": компири, моркови, цвекло, целери и слични бестселери. Неговата револуција е суптилна - тој е овде да ни го поедностави животот, а не да ни го искомплицира. Денес спремаме крем супа од пашканат. Рустичен и преедноставен рецепт. Вкусот на пашканатот - длабок, но не и агресивен, ја трансформира оваа чорба во топлина со сите петки. Има да ве стопли како сенилен дедо што без усул трупа дрва у шпоретот.

Како да направиш супа од овој корен со карактер под чија обвивка се крие богатство?

Само скролни, не мучи се, не гледај ме:

Лупиме четири парчиња пашканат. Патем, лупиме едно јаболко. Off-топик муабет за лупењето јаболка: Еднаш одамна, ме среќава еден познаник кој очевадно брзаше некаде и ми бара цигара. Јас од џеб вадам неотворена кутија и полека го одлепувам целофанот. Притоа го распрашувам шо има, како иде и слични бош-муабетски теми. На тоа тој: АБЕ АЈДЕ МРДНИ, ЈАБУКА ЛИ ЛУПЕШ?!?! Ок.

Излупените овошја и зеленчук ги сецкаме на коцки и ги пропржуваме во длабоко тенџере. Притоа зачинуваме со следниве зачини: сол, бибер, лук во прав, куркума. Потоа ги прелеваме зарзаватите со литар вода и вариме 15-20 минути.

Лушпата од пашканатот не ја фрламе, туку ја зачинуваме со вегета, ја освежуваме со маслиново и ја праќаме во рерна или во ер фраер на најјака опција, да се потпече едно 5-8 минути. Вака добивате одличен и крцкав додаток за вашата супа.

Откако пашканатот е сварен земаме рачен блендер и ја креираме супата. Истото можете да го направите во обичен блендер.

Додека блендираме, постепено додаваме 100 до 150 милилитри крема за готвење или крем фреш.

Сервираме во длабока чинија. Врз супата додаваме уште крема за готвење, може и малку маслиново, буковец и бибер.

Уживајте во оваа превкусна зимска прегратка. На здравје.

Кирил Стоименов - напашкан

18 јануари 2025 - 22:26