Струмица е меч со две острици - можеш да се родиш Пандев, ама може и да не ти се посреќи па да се родиш премиер на република северна вашата земјистан.
Генерално, струмичани се вредни и ведри еснафи, одлична екипа за дружба, љубители на дестилатите. А каква екипа да очекуваш од колевката на анасонската огнена вода, народски позната како МАСТИКА. Мастиката е еликсир за вечна младост: според старите прашопски преданија, редовните конзумирачи на мастика ретко дочекувале старост. Но како вели Буковски: “Најди го она што те прави среќен и дозволи му да те убие.”
Реално, мастиката според мене е убедлива кралица на анасонските алкохоли. Не сум пристрасен квази-патриот што навијачки тврди дека Скопското е најдобро пиво у свет, но кога станува збор за струмичката убавица - узото, самбуката, јени ракијата и сите останати анасонски дестилати можат вода да ѝ носат. Печењето мастика е посебен спектакл што захтева вештина, мајсторија и тајни марифети. Секој мастика-мајстор има свој автентичен захфат шо ја прави мастиката мистериозно волшебна. Многу ја мешаат со ракијата-анасонка. Јок, тоа е едноставно ракија-треварка на која ѝ е додадено анасонска трева. Не кристализира кога ќе ја убаците у комора и има сосема различен вкус. Зборувајќи за ѓаолот, при процесот на умастикување се користат неколку видови на анасон, меѓу кои најчесто идат: ѕвездастиот анасон, морачот, обичниот зелен анасон и сл.
Ние денес ќе се дружиме со морачот. Ова потценето зеленчуче се користити како лек, зачин и како додаток во ‘салатерската’ индустрија, најчесто во улога на ароматизер. Но денес ќе му го пружиме спот-лајтот и ќе блесне во главната улога.
Спремаме паста со сос од анасон/морач. Ајмо:
Потребни ни се една до две топки морач. Пред да го исецкаме на многу тенки ленти, му ги отстрануваме ливчињата. Ова а всушност свеж копар. Откако е среден на многу тенко, го запржуваме на загреано маслиново масло на среден оган. Го придружуваме со 2-3 чешниња лук, исто на многу тенки тркалца.
Симултано на соседната рингла вариме кори за лазања. Може и јуфки, но овие кори се покрути и финалниот производ е поцарски. Искршете ги грубо, на поливинки или третинки и во тенџере со зовриена вода. Нека се варат 10 минути на многу силен оган.
Се враќаме на рингла број 1. Откако морачот е омекнат, рендаме кора од цел лимон и го цедиме сокот од истиот. Додаваме и 4 супени лажици крем фреш и мешаме. Комбинациите од лимон, густа млечна лепота и анасон ќе ви приредат врели медитерански прегратки.
На ред се тестенините. Ги додаваме сварените кори лазања во сосот и мешаме за добро да се запознаат. Кога целата паста ни е прекриена со сосот, гасиме рингла и сервираме.
Ја сместуваме кремастата паста во чинија, додаваме кршен црн пипер и на крај ливчиња од свежиот копар. Израндајте и пармезан, кој смее нешто да ви рече.
Несекојдневно, лесно и мега вкусно. Уживанција.
Кирил Стоименов - се има трезнето со Струмка