Шаткини гради

Инвазијата на пилешки СТЕЦИ од сортата ‘аргентински‘, во раните 2000-ти, неферски ги засени другите птици. Што поради цената, што поради сеприсутноста по месарските витрини. Шатките, гуските и останатата таксономска екипа беше фрлена во заборав. Но можеби некогаш така е и подобро: што за самите птици (не ги одгледуваат на идиотски начин како кокошките), што за конзумирачите (кога и да се одлучат на оваа опција, добиваат супер месо). Кога ретките ќе ги најдат ретките, тогаш честите се скроз ирелевантни.

Претходниот пат кога спремавме шатка (види: Батак од Паја Патак), се дружевме со херојот од Дизни. Овој пат се префрламе на Looney Tunes. Ќе спремаме гради од Daffy Duck (Патор Дачо, комплименти до преведувачот), сочни како неговиот говор. Во една прилика кога Елмер го начека у ќорка, пред да го упука, Дафи рече: ”Те молам не пукај, алергичен сум на болка!!“

Денес ќе се послужиме со фузија од техники: азијатски и западно европски. Шаткините гради се одличен избор како главно јадење за свечена вечера, но ги бива и за салати, идат со жеsтоки алкохоли, вина, пива. Сѐ на сѐ, криминално потценето парче месо.

Две парчиња шаткини гради. Од страната на кожата правиме пресек во форма на баклавки (како на времето кога шпартавме блокче за скицирање). Притоа внимаваме да тие пресеци не бидат премногу длабоки. Зачинуваме со сол и бибер. На ладна тава ги поставуваме прво од страна на кожата. Не користиме масло, бидејќи ќе се спремаат во својата супер прекрасна маст. Ринглата ја вклучуваме на средно-силен оган. Пржиме 7-8 минути. Повеќе од половина од добиената маст, претураме во тегличка и ја сместуваме во фрижидер. Одлична маст за со компири, месо, јајца.

Ок, ги превртуваме парчињата месо од другата страна, додаваме многу путер, лук, свеж рузмарин и свежа мајчина душица. Ги користиме ѕидовите од тавата за добро да ги бојадисаме градите од сите страни. Уште 4 минути.

Потоа ги вадиме парчињата од тава и ги оставаме на страна на одморат најмалце 6-7 минути, како внатрешните сокови би се распоредиле и градите би останале ептен сочни. Шаткини гради се спремаат rare, се друго е палец надолу.

Сос: ова е азијатски сос за шаткино месо. Обично откако месото е испечено и исечено, се маринира околу час во овој сос. Но, така најчесто е погодно за салати. Ние само ќе му прснеме од сосот при сервирање.

Значи: 3-4 супени лажици соја сос, сок од половина мандарина, свежо нане, ротквица на тенко, млад кромид и ако сте во можност да најдете - лимонова трева. Може и без неа. Најдобро е ова да се спрема пред да се пржи месото за да вкусовите имаат време да се запознаат.

Пире од морков: Морковот прво сварен 15 минути во врела вода и директно у блендер со 30 грама путер, сол и сушена мајчина душица. Одличен додаток за со шатка, но и за било кое друго месо доколку ви здосадил компирот.

Сервираме како Џексон Полок, со хаотични истрели од пирето низ чинијата. Врз него ги постиламе парчињата месо, а врз месото елеганто го нанесуваме сосот. Милина и за очи и за ноздри и за стомак. За јетрата ја не одговарам.

Кирил Стоименов - Луксузурач

 

6 август 2023 - 09:39