Просто ко паста

Бонџорно, денес имаме извонредно вкусна мисија: Да исквернавиме два италијански паста класици. И тоа со еден ударац.

Ја сум Горан Пандев у расипување традиционални рецепти, но и Денис Родман у измислување хибриди. Во овој рецепт укрстуваме: "Шпагети качо-е-пепе" и "Фетучини Алфредо".

Од првиот специјалитет ги позајмуваме шпагетите и биберот, од вториот го киднапираме Алфредо.

Ај-де-мо: Ова мајсторско дело ќе го работиме во триптих варијанта: лево ни се шпагетите, на средината пармезан, десно путерот.

Во мини-шерпа алијас тенџере загреваме многу литри вода. Тенџерето пуно до врв. Внатре сол како залив на Мртво Море. Откако меурите од водата ќе почнат да го шизаат својот Линди Хоп, додаваме 400 грама шпагети и ги вариме според инструкциите на кесата. Троа наука: според гликемискиот индекс пастите се делат на: молто-ал-денте (полужива), ал-денте (таман, демек) и мека паста. Пастата што се вари па пече ја викаат ал-форно.

Јас ја правам на пола пат меѓу ал-денте и мека. Значи ако пишува 9-11 минути, ја варам 10. За Македонија!!!

Во меѓувреме: путерот го држиме близу грејно тело, или ако го читате ова летно време, на сонце, за да омекне, но не и да се растопи.

Ок, пастата ни е сварена. Пред да ја истуриме водата низ цедалката, со филџан/шоља/ѓезве/малакригла позајмуваме околу 200 мл. од зовриената вода. Цедиме. Во истото тенџере го убацуваме путерот, едно 150 грама, и веднаш ги додаваме шпагетите. Агресивно мешаме минута време. Потоа рендаме 150-200 грама пармезан, и полека истураме од водата, перманентно мешајќи до посакуваната кремаста текстура. Ура, Ура!!!

Сервираме во длабока чинија и зачинуваме со многу кршен црн пипер... ...и се понашаме ко Софија Лорен и Марчело Мастројани. Овој 'примо' оброк се препорачува со чаша бело вино и без леб, едино ако не сте од кланот Заеви или слични енергетски вампири шо бутаат макарони и леб.

Бон факин aпетитинг!

Кирил Стоименов,
Калабрез
 

9 јануари 2022 - 09:14