Ако храната е поезија, тогаш пита со тиквички е хаику. Таа не освојува со грандиозност, туку со симетријата на вкусови, тишината помеѓу залците и апсурдната леснотија со која исчезнува од чинијата. Оваа пита е егзистенцијален коментар за животот - скромна, но сложена, едноставна, но со слоеви на вкус што откриваат нешто ново при секој нов гриц. Навидум едноставна бовча од лиснато тесто која нежно ги држи тиквичките во прегратка, овој рецепт всушност прави сетилна журка без да најави по комшии. Солената пита со тиквички нема потреба да учествува во филтерската претстава на социјалните мрежи. Органски, без филтри и шминкање е права лепотица. Ендемски вид.
Ова не е онаа агресивна храна што снобовски се наметнува со својата квази-генијалност, не е тигрести ракчиња во пенлива емулзија, ниту тартуфи кои имаат вкус за бавча. Ниту пак е еден од оние механички рецепти. Не се прави по строга методологија, затоа што така ја губи душата. Експериментирање и нијансирање е дозволено низ целата постапка. Треба да ѝ се пристапи интуитивно, како џез-импровизација.
А јас пристапив и постапив вака:
Импровизацијата започнува со тиквички и мандолина. Кујнска, се разбира. Ги сечеме на тенки кругови, ги посолуваме и ги оставаме 20-30 минути да пуштат сок. Потоа, со кујнска хартија ја впиваме вишокот течност – вака се подготвени за акција.
Кремаста основа
За филот, избираме рикота, урда или младо сирење. Го мешаме со ситно сецкан магдонос, малку сол, бибер и лук во прав.
Тестото како платно
Лиснато тесто – комада еден. Со тапата страна од ножот цртаме правоаголник еден сантиметар помал од самото тесто, без да го сечеме до крај. Ова ќе создаде крцкава рамка.
Склопување
Во означениот дел го размачкуваме сирниот фил и врз него рендаме 50-100 грама сирење по избор. Ги распоредуваме тиквичките, а краевите на тестото ги премачкуваме со жолчка од јајце. Наросуваме сусам за дополнителна текстура.
Печење и уживање
Рерната е загреана на 220°C. Питата ја печеме 20-25 минути, додека не добие златно-кафеава боја. Ја оставаме 15 минути да олади, ја сечеме на квадрати и уживаме. Со сета сила.
Прелесно. Превкусно.
Кирил Стоименов - етноџезер