Пилешко во Кари-Мата-Кари сос

Карито се појави во нашите продавници во текот на доцниот транзициски период, спакуван во оние тенки ќесички со логотипи кои мирисаа на глобализација во најава. Повеќето не знаеја што точно е, но тоа не ги спречи да го ставаат секаде. Како и многу други гастро-интервенции на овие простори, кари зачинот помина низ неколку развојни фази: прво како егзотика за смелите домаќинки, потоа како симбол на едно ново време, па потоа како жртва на сопствената популарност, за на крај да си го заслужи местото таму каде што припаѓа: како навидум фенси додаток на кој што ако му ги научиш цаките, добиваш цел универзум.

Но, што всушност е кари? Во суштина, тоа не е еден зачин, туку цела наука на зачинување. „Кари“ во јазиците на јужна Индија значи сос, а тоа што ние денес го имаме како жолт прав е британска дестилација - обид на колонијалниот ум да спакува милиони вкусови, региони и рецепти во нешто што ќе може да се продава на полиците на локалниот западњачки маркет. Во реалноста, секој регион од Индија, од Тамил Наду до Пенџаб, има свој концепт за кари: со повеќе чили, со помалку куркума, со кокос, без домати, со цели зачини или сосема без млеко. И токму затоа, кога ние, луѓето од култура во која доминираат вегетата и мистериозниот „зачин за скара“, решивме да го вклучиме карито во својот репертоар, тоа беше не само културолошки скок, туку и кулинарски обид за пораснеме како опШество, шо би рекол еден хобит од струмичко шо беше роден за растоварач на вреќи, но приморан да биде премиер.

Карито донесе еден вид на гастрономска еманципација. Конечно признавање дека понекогаш, вкусното може и да мириса различно. Затоа овој рецепт за пилешко во кари сос ќе биде кулинарска комуникација помеѓу континенти, традиции, вкусови и темпераменти.

Ајдемо:

  • Пилешко: 3 пилешки гради, без коски и кожа, исечени на коцки со големина на поштен залак.
  • Свежо мелен црн пипер и сол
  • Ароматична основа: 1 голем кромид, ситно исечкан. 3-4 чешниња лук, ситно сечкани или пасирани. Парче свеж ѓумбир (околу 2-3 см), излупен и ситно сечкан или изрендан.
  • Зачини: 2 лажици кари во прав. 1 лажичка мелен коријандер (зрна коријандер, не листови). 1/2 лажичка мелена куркума. 1/2 лажичка црвен пипер
  • Течно злато: 400 ml кокосово млеко.
  • 2 лажици доматно пире.
  • Свежина за финиш: Свеж магдонос, ситно сечкан.
  • Масло за готвење (по ваш избор).
  • Дополнително: Сладок чили сос за сервирање, ако сакате да додадете уште една димензија на вкусот.

Подготовка:

Пилешкото: Пилешките гради исечете ги на коцки. Зачинете ги со сол и свежо мелен црн пипер. Загрејте малку масло во голема тава на средно висока температура. Додадете го пилешкото и пржете го додека не добие златно-кафеава боја од сите страни, но внимавајте да не се претерате за да остане сочно. Извадете го пилешкото од тавата и оставете го настрана.

Основата: Во истата тава (ако е потребно, додадете уште малку масло), додадете го ситно исечканиот кромид. Пржете го на средна температура додека не омекне и стане проѕирен, околу 5-7 минути. Додадете го ситно сечканиот лук и ѓумбир и пржете уште 1-2 минути, додека не ги испуштат божествените ароми. Внимавајте да не изгорат.

Зачините: Намалете ја температурата на средно ниска. Додадете ги карито, мелениот коријандер, куркумата и срвениот пипер во тавата со кромидот. Пржете ги зачините околу 1 минута, постојано мешајќи. Овој чекор е клучен, тој ги ослободува есенцијалните масла и го продлабочува вкусот на јадењето.

Кокосовото млеко: Полека сипете го кокосовото млеко во тавата, постојано мешајќи за да се соединат зачините и да се формира свиленкаста база на сосот. Доведете го до тивко вриење, а потоа намалете ја температурата и оставете го да крчка околу 5 минути.

Доматното пире: Додадете го доматното пире во сосот. Промешајте добро додека не се соедини целосно. Доматното пире ќе додаде убава боја и дополнителна длабочина на вкусот.

Пилешкото се враќа дома:  Вратете го претходно испрженото пилешко во тавата со сосот. Промешајте нежно за пилешкото целосно да се премачка со кари сосот. Оставете го да крчка уште 5-10 минути, дозволувајќи му на пилешкото да ги впие сите прекрасни вкусови и сосот да се згусне до саканата конзистенција.

Финални допири: Тргнете ја тавата од оган. Додадете го ситно сечканиот свеж магдонос во сосот и нежно промешајте. Посипете со уште малку буковец за визуелен ефект и дополнителен шмек.

Сервирање: Ова пилешко во кари сос е најдобро сервирано со ориз коj совршено ќе го впиe богатиот сос. За оние кои бараат дополнителен удар, сервирајте го со салата со малку сладок чили сос од страна. Едноставна зелена салата со лесен прелив ќе го избалансира раскошот од вкусови.

Нема што да додадам, освен 10-тина пива у главата!

На здравје.

Кирил Стоименов - Кари Мата Кари

12 јули 2025 - 17:12