Нити Цезар, нити хумус, ама плаче за ракија

Откако ќе истажирате еден подолг период од животот, капирате дека некои работи се постојани. Изгрејсонцето, сметката за струја, антипатијата према џандари и здодевната, супер предвидлива Цезар салата. Во оваа ера на броење калории и растителни влакна во која луѓето планираат да живеат како желки од Галапагос, сè почесто се појавува прашањето: дали мора секоја салата да се базира на животински протеини?

Овојпат, јас како голем фан на Вегетата, ќе застанам од страна на тимот вегетаријанци и ќе кажам не. По тој повод ќе ја земеме основната премиса за Цезар салата и ќе ја превртиме наопачки. Во однос на оригиналниот рецепт, оваа салата е исфранкенштајнизирана до мали души. Особено со додавањето на пилешки гради и сквернавењето на оригиналниот дресинг. Денес одиме чекор понатаму со ересот и спремаме наш дресинг, а месото го заменуваме со леблебија, такозвана - наут. Со додавање на наутот, оваа салата не само што ќе добие нова текстура, туку и нов карактер. Во дресингот додаваме таан, што всушност ќе му дојде како хумус разложен на прости множители.

Ќе биде забавно, останете…

Состојки:
Две глави марула, исечени на едро
Една лименка наут, исцеден и измиен
Маслиново масло
Една лажица капери
Коцки леб, кои можете сами да ги испечете или да ги купите готови кубети
Пармезан (колку повеќе, толку подобро)
Еден лимон
Таан
Една лажичка сенф
Сол, бибер, црвен пипер

Постапка: Започнете со главната ѕвезда - наутот. Исцедете го и исушете го со кујнска крпа, а потоа ставете го во сад. Зачинете го со маслиново масло, сол, црн пипер и црвен пипер. Додадете го зачинетиот наут во длабок сад заедно со едро сецканата марула и каперите.

Следно, подгответе го дресингот.

Во еден сад, измешајте ја водата од наутот (аквафабата), сенфот, сокот од лимон, таанот и малку сол и црн пипер. Мешајте додека не добиете совршена текстура и боја. Потоа додајте ги парчињата леб во салатата. Полијте со дресингот.

Додајте го изренданиот пармезан во мегаломански количини и убаво промешајте ја салатата.

Најтопло препорачувам да се служи ладна. Затоа сместете ја во фржидер едно пола саат пред да ја делкате.

Безобразна е, ми испи 4 мастики и неколку пива. Без око да ѝ трепне.

На здравје!

Кирил Стоименов - геј, Јулиј

17 август 2025 - 11:25