Тестенини со вотка

Во оваа епизода во „храна за лица кои можат да полагаат за возачка дозвола“ имаме еден несекојдневно секојдневен рецепт. На прв поглед обично печени тестенини, ама на втор двоглед не е сѐ така црно бело.

Дали некогаш сте се запрашале зошто „пене а ла вотка“ (penne alla vodka) е толку популарен рецепт? Не е само заради совршениот баланс на вкусови и асоцијалните премрежја, туку и заради тајната состојка која дава посебна нота. Вотката, на изненадување на многумина, не се чувствува како алкохол во сосот, туку делува како катализатор кој ги ослободува аромите на доматот и ги балансира вкусовите на кремастиот сос. Тоа е вистинскиот клуч на сосот. Со неа добивате свиленкаст, богат и уникатен сос кој ќе ве натера да сакате повеќе. Затоа, ако сте расположени за нешто различно и возбудливо, а сепак сакате да го подготвите брзо и лесно, ова е рецептот. Тој е идеален за заузети денови, но и за викенд вечери кога сакате да се опуштите и да уживате во добар оброк без многу напор. Подгответе се за патување низ вкусната Италија, но со една мала, алкохолна нота која ќе го направи вашиот оброк фанки. Врзете појаси:

Состојки
* Тестенини по ваш избор (препорачувам школки)
* 1 мала главица црвен кромид, ситно исечкана
* 2 чешниња лук, ситно исечкани
* 1 конзерва (околу 140 г) двојно концентриран доматен сос
* 1 дл вотка
* 200 г крем сирење (creme fraiche)
* Грана Падано или Пармезан, рендано
* Маслиново масло
* Сол и бибер по вкус
* Свеж магдонос за декорација (по желба)

Стапка - постапка:

* Подготовка на кромидот и лукот: Во тава на средна температура ставете малку маслиново масло. Додадете го ситно исечканиот црвен кромид и пржете го додека не омекне, околу 5 минути. Потоа, додадете го исечканиот лук и пржете уште една минута, внимавајќи да не загори.

* Додавање на доматен сос и вотка: Додадете ја конзервата со двојно концентриран доматен сос и добро промешајте. Пржете уште неколку минути за да се развие вкусот на доматот. Потоа, додадете ја вотката. Оставете го сосот да крчка околу 5-7 минути, додека алкохолот не испари.

* Кремаст допир: Намалете ја температурата и додадете го крем сирењето. Мешајте додека не се стопи целосно и не добиете плишан, кремаст сос.

* Варење на тестенините: Во меѓувреме, сварете ги тестенините во солена вода според упатството на пакувањето. Пред да ги исцедите, зачувајте една шолја од водата во која се вареа. За од уроци.

* Соединување: Исцедените тестенини додадете ги во сосот и добро промешајте. Ако сосот е премногу густ, додадете малку од крстената водата од тестенините. Ова ќе му даде на сосот совршена текстура и ќе помогне тестенините подобро да се спојат со него.

* Последни допири: Додадете рендано Грана Падано (или Пармезан) и повторно промешајте.

* Печение: Ги префрлате тестенините во тава за печење, додавате уште малку сирење одозгора и да ги запелувате на 180°C околу 10-15 минути, додека не добијат златно-кафеава боја.

* Сервирање: Сервирајте ги топли, украсени со уште малку рендано сирење, крем сирење и свеж магдонос (по желба). Просто како таблица со 1. Запечената секси кора додава посебен шефовски бакнеж на рецептот.

Животот е прекраток да лупите авокада секое сабајле и да броите калории.

Уживајте.

Кирил Стоименов - дестилирана вотка

10 август 2025 - 08:19