Ајварот си е ајвар, со сите свои доблести, маани, киселини и калории, тој е Дон на пиперските зимници. Но, да бидеме реални дека воопшто не се за потценување ни неговите први братучедки - печи-гмечи пиперките. Некои ги викаат и 'пеглани пеперки', што е одличен хибрид од занаетчиско-домаќински жаргони. Можеби постојат ситни нијанси и регионални разлики при дефинирање што е 'печи-гмечи' а што 'пеглана' пиперка, ама да не цепидлачиме, принципот е тој.
Овој тип на ферментирани пиперки, според моето скромно мислење е најсекси начин да спакувате доцноесенски пипер за секакви лудории. Зошто? Затоа што ни остават простор за дополнителна манипулација и нивно приспособување според нашите желби и хирови. Што не е случај со ајварот, лутеницата, пинџурот. Они се константи, апсолути и се совршени такви какви што се, колку и да не се. Нема пипање.
Ова што сега ќе го припремаме е повеќенаменски рецепт: итар трик како да ги натерате децата да јадат спанаќ, одличен повод да го изненадите организмот со здрав оброк, клучен фактор при убедувањето на вашиот нерасположен со-ракијаш да се предомисли и да седне 'на по една'.
Три во едно, а за 'едното' - скролни надолу:
Спанаќ, една бала. Многу спанаќ. Пропржуваме за да се растопи. Откако е готов го сецкаме на ситно, а потоа го ставаме во кујнска крпа и душмански го изцедуваме до последна капка. Како владата народот. Спанаќот го венчаме со пола кило павлака. Црвениот пипер ни е девер. Оваа кремаста убавина ја размачкуваме по чинијата за сервирање, а врз неа ги постиламе пиперките во слободен стил.
Магданос и нане, ситно исецкани, ги нанесуваме врз пиперките. Ореви, низ ситната страна од рендето. Оставаме 3-4 јатки кои ги кршиме со притискање на нож за да ни крцкаат. Претходно може да ги потпечете у рерна или на сува тава. На крај посолуваме и забиберуваме и целата чинија ја благословуваме со маслиново.
Џек Керуак живееше со надежта дека еден ден ќе ги најде вистинските зборови и тие ќе бидат едноставни, Лав Толстој кажа дека нема убавина без едноставност, а големиот Шопенхауер советуваше дека за да ја објасниме комплексноста, треба да се послужиме со едноставност.
Па поедноставно од ова, здравје.
На здравје!
Кирил Стоименов - Едноставничар