
Сѐ почесто кога ѕиркаме низ пенџере како баби на лексилиум, првото нешто кое го воочуваме е новата коњаница на апокалипсата: река од портокалови, сини и зелени ранци на грбовите на уморни момци и девојки на велосипеди, кои како механички пчели го разнесуваат мирисот на евтин јаглехидрат низ градот.
Доставата на храна стана новиот дифолтен режим на постоење, каде што секој клик на апликацијата е лагано потпишување капитулација и кревање бело знаменце пред неолибералниот капитализам. Тој ист систем суптилно ни ја шепна лагата дека сме премногу зафатени, премногу важни и галиба премногу исцрпени за да вклучиме рингла, додека истовремено ни ја масакрираше уметноста на домашното конзумирање храна.
Трпезите ни станаа бироа, а ритуалот на готвење е заменет со нервозно зјапање во ГПС-мапата додека чекаме некој да ни достави картонска кутија што има вкус на невкус.
Ова што ќе го видите на сликите во продолжение е мини шамар на пластичниот прибор за еднократна употреба, во кој полека но сигурно се давиме. Неолиберализмот сака да поверуваме дека за софистициран оброк ни требаат часови и диплома од „Le Cordon Bleu“, но вистината е дека за само половина час, со една тава, може да се создаде нешто што е светлосни години пред секој „fast food“ франшизен дериват. Овој спој на крцкаво пилешко и кремаста леблебија и половина час посветеност на самите себе, ја враќа контролата врз сопствениот желудник и докажува дека достоинството на оброкот не мора да биде жртвувано на олтарот на ефикасноста.
Јади како човек, а не како кориснички профил.
Намирници, или ИНГРИДИЕНТИ, шо би рекол еден тажен нутриционист од социјалистичките мрежи:
- 4 пилешки надкопани (со кожа, откостени)
- 2 поголеми страка праз
- Пола конзерва леблебија (околу 250г)
- 100 мл павлака за готвење
- 50 г рендан пармезан
- 1 полна лажица сенф
- Свеж магдонос, копар и малку кромид (за гарнир)
- Сол, црн бибер, буковец, лимон, маслиново масло
Маневри:

Пилешките надкопани зачинете ги со сол, бибер и сува пиперка. Поставете ги во ладна тава на среден оган со кожата свртена надолу. Целта е кожата да се дехидрира и да стане крцкава (ко стакло), а потоа само кратко превртете ги. 10 минути од страната на кожата, три минути од другата страна. Извадете ги на страна да отстојат.

Исечете тенки ленти кромид, магдонос и копар. Веднаш потопете ги во сад со ледена вода и мраз. Ова не само што ја вади лутината од кромидот, туку ги прави билките естетски супериорни и крцкави. Во истата тава, на маснотијата од пилешкото, додадете го ситно исецканиот праз. Пржете додека не карамелизира.

Додадете ја исцедената леблебија и пропржете ја заедно со празот за да прими од аромата.

Налијте ја павлаката за готвење и додадете ја лажицата сенф. Сенфот ќе му даде на сосот една „земјена“ длабочина која ја маскира едноставноста на рецептот.

Пред самото тргање од оган, додадете го ренданиот кашкавал и мешајте додека сосот не стане свиленкаст.

Сосот со леблебија поставете го како основа во чинијата. Пилешкото исечете го на рамномерни ленти и ставете го централно. Одозгора додадете го исцедениот „леден“ микс од билки и кромид, и задолжително исцедете малку лимон за да ја пресечете тежината на состојките.
Една тава, а милион вкусови и мераци. Нема потреба од самурајски кулинарски вештини. Не правите џунгла од садови - партнерката ќе ве сака, а комшиите ќе ве мразат. Па има ли појако? Има: 10 испотени кригли.
На здравјиште!

Кирил Стоименов - редовен доставувач на мумурлуци