Начос

Извесен мехикански кафанџија по име Игнасио (македонски: Игор) звани Начос, несакајќи измислил едно од најпопуларните пабски мезиња. Имено, банда госпожи у климакс му го окупирале локалот и после третата текила почнале да кокодакаат дека им се мези нешто поразлично. Кутриот Игнасио, не гледајќи излез од овој захтев, засукал ракави во стилот на еден поранешен премиер на република Нашата Земјистан и правец у кујна. Гунѓајќи пар антифеминистички пцости за кои денес се оди на робија, почнал да прави комбинација од што прво ќе му дојде при рака. Кога им го послужил, останале забезекнати. Прашале како се вика овој специјалитет. Начос, рекол Начос у Џејмсбондовски стил. Останатото е историја.

А ние од историја прешалтуваме на агрономија. Дали знаете дека пченката е у исто време и зеленчук и овошје и житарица? Флуиден идентитет, далеку пред тоа да стане турбо-фолк. Кај нас највеќе се одгледува златно-жолтиот клас. Но, пченката ја има во сите бои. Дури има и сорти кои содржат шарени зрна. Како и од другите колеги-житарици, така и од пченката се прави брашно. Кај нас е познато и под називот мумурузно брашно. За разлика од тортиљата направена од пченично бело брашно, нејзината мумурузна братучедка се карактеризира со жолт тен. Но ние денес одиме чекор напред користејќи тортиљи направени од виолетова пченка.

Значи: За почеток ви се потребни пченкарни тортиљи. Скокнете до првиот маркет. У случај да нема, нема страшно: купувате пченично брашно, го мешате со малку вода, месите тесто, кинете мали топчиња од истото ги поставувате на маса и ги притискате сп тенџере. Честитки, добитник сте на домачи тортиљи.

Ги сецкаме на осминки и ги пржиме во загреано масло околу минута со две. Основата ни е готова. Посолуваме.

Топинзи: 500 грама мелено месо. Сол, бибер, лук во прав, црвен пипер. Го запржуваме. Откако е бојадисано, додаваме кромид, пржиме заедно уште 5 минути и потоа го освежуваме со 200 мл. бело вино. Додаваме и 2-3 лажици сенф. Нека се динста додека течноста не испари. Кога е при крај, во тавата додаваме моцарела и рендан кашкавал по избор. Ставаме капак за сирењата да се растопат. Промешуваме.

Опционални додатоци: павлака и гвакамоле од едно авокадо и половина лимета.

Миксот од мелено и сирења го попаруваме врз чипсот од тортиљи, и дополнително украсуваме со павлака и гвакамоле. Сецкаме црвено чили на многу тенки тркалца и фрламе цели листови магдонос. Вака имате мезе доволно за цело маало што може да поткрепи детски базен пун со пиво. Може и по некоја текила за од уроци и против малери.

Сомбрерата надолу и уживајте!

Кирил Стоименов - Начос Видал

13 август 2023 - 07:59