Како мали, на прашањето што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме, најчесто одговараме со ‚космонаут‘! На крај, 99% од давачите на овој одговор, завршуваме како некој кој бара или некој кој е жирант. И наместо да броиме ѕвезди, броиме денови до петок. Во буквален превод, космонаут значи пловец низ космосот.
Но нашиот денешен рецепт нема врска со космосот, но има со наутот. Наутот кај поновите генерации е познат под терминот кој содржи дупло леб од лебот а нема уопште леб. Леблебија. Нашиот најдобар другар кога желудникот ни се обраќа течно. Или ако сте растени у 80-ти и 90-ти, главно мезе кога ќе се убациш на гости ненајавен, Марјан Стојановски стајл. Уз слатко од смокви. И пепељара за мезе.
Последните неколку години наутот се популаризираше поради хумусот. Особено кај тревопасните диеталци. Ок.
Сте слушнале ли за риболита? Тосканска супа/чорба со леб. По традиционален рецепт се прави со грав. Но и наутот одлично се снаоѓа во целата приказна. Риболитата е препеченица помеѓу манџите. И самото име укажува на тоа дека е два пати вриена. Подгреана манџа од вчера. Шала на страна, ова е превкусен и евтин начин како да нахраните цела армија.
Одиме бандо: Во тенџере на загреано масло запржуваме кромид, морков, гранче рузмарин и ловоров лист. 10-тина минути. Потоа додаваме ситно сецкани чешниња лук. Количината варира во однос на нивото на јунаштво кое го поседувате. Зеленчукот го нијансираме со сол, црн пипер и буковец. Конзервирани домати, комада два. Доколку имате домашни цедени патлиџани, слободно додадете ги нив.
Овде иде и нашата главна машка улога, наутот. Или главна женска, леблебијата, да не плачат милитантите феминистки. Половина кило. Можете да купите веќе закиснат, но може и суров, па да го оставите во вода преку ноќ. Овде имаме и специјален гостин на вечерта, крајчето или тврдиот дел од парче пармезан. Има да го нема. Сево ова проследено со парче леб, исецкан на коски. Нека жуборкаат зарзаватите едно 15-тина минути.
Лебот треба да се распадне од течностите и температурата. Додаваме и малку вода за да ја проретчиме густината. Офталмолошки, од око. Во меѓувреме рерната нека фучи на 180. Последна стаза. На клупа ги испраќаме рузмаринот и ловоровиот лист. Си завршиле они работа до сега. Пробуваме дали ни е таман сол. Ако фали, додаваме уште малку.
Уште едно парче леб на коцки ни стои репетирано. До него ситно сецкан кељ. Ако не сакате кељ, може и спанаќ, мада ќељот е подобра опција. 400 грама. Прво зеленилото, нека проврие 5-6 минути. На крај го додаваме лебот, врз него истураме маслиново и рендаме пармезан и тенџерето без капак у рерна. 15 минути.
Потпечените крутони со снежните пармезански врвови под себе ќе чуваат една превкусна лава. Пан-сетилна ерупција во најава. Изрендајте уште малку пармезан откако ќе ја послужите во чиниите.
Нека не ви е незгодно.
Кирил Стоименов - рамноподземјаш