Кесадиља, мома Евгенија

Последен пат кога бевме на прошетка низ Мексико преку фирмата, трансцедентално, лапавме такоси. Мексичката храна е одлична за трезнење после маратонски сеанси текила-салата: пикантна е, сочна, шарена, калорична. Мексикосите се вредна нација. Да не се они, ќе нема кој да им измие чашите на тоа америчките поткаст водители и Њујорк Тајмс бестселер автори. Затоа и никој не се чуди кој ги изградил пирамидите у Мексико. 0% мистерија. Ни елиени ни битур - се знае, Мексиканци ги изградиле.

Имаат они посебен култ кога станува збор за храна. Знаат шампионски да си дадат на душичката. Уште од времето мексиканскиот Гоце Делчев - Емилијано Запата, во уши гласно им одекнува паролата: “Земјата е на тие што ја одгледуваат“. Гуглајте, не е можно колку си личат со Гоцета наш, ем физички, ем идеолошки. Така Мексиканците вредно си ја обработувале земјата, а од нејзините плодови изградиле одлична кујна.

Денес на мени имаме кесадија. Надвор од ‘Televisa Presenta’ говорно подрачје може да ја сретнете и како кесадиЉа. У слободен превод, кесадија значи ’кашкавалче‘, или нешто кашкавалесто у деминутив. Лепотанче од поимче. Варијации на тема кесадија има колку ви душа сака: ја прават со месишта, вегетаријанска, веганска, вмровска, комуњарска. Зависи шо сте по дијагноза.

Јас ќе ја спремам на шампионски начин, како и обично. Зимзелен сос и два вида сирење.

Вамооооооос:

Пред да почнам, мал дисклејмер: денешните кесадии ќе ги правам со купечки тортиљи. Не за друго, немав свинска маст при рака, а тортиља без свинска маст се како Здравко Чолиќ без сако.

Прво сосот: гвакамоле со медитерански твист: 2 авокада, меки, за да не спарингувате додека ги гмечете. Еден ултравиолетов кромид, исецкан на ултра ситни коцки. Сушени домати, игро-променувачки момент. Исто сецкани на ситни парченца. Лук во прав, магдoнос, маслиново и сок од една лимета.

Авокадото и лиметата коштаат како викенд за двајца у Претор, ама тоа е, вие си ги гласавте.

Сето ова го гмечиме за да се постигне тој неодоливо-зелен каша момент.

Сирења: рендан eдамер и рендан пармезан. Едамерот на едрата страна од рендето, пармезанот на ситната.

Сосот во премачкуваме низ површината на тортиљите, и редиме од кашкавалот и сирењето. Преклопуваме. На сува угреана тава печеме минута до две по страна. Сирењата треба да почнат да се топат.

Откако сме готови обострано, ја сецкаме кесадијата како бурек, на четвртинки.

И, кесадија мома Евгенија.

Уживаме во секој гриц од ова кремасто-крцкава ракотворба. Јунаците слободно можат да појачат со некое чили или олд-скул везена.

Чао муќаќос & муќаќас.

Кирил Стоименов - Стокила Герила

11 јуни 2023 - 09:32