Денес на репертоар имаме мексичка улична храна: ТАКО! Омилената ужинка на Дани Трехо и на уште мал милион други мехиканоси кои мачетаат по Холивуд. Ако имате најавено голема екипа за на гости, ова ви е супер брз и едноставен рецепт. Брз како Гонзалес, едноставен но љут како Слоупоук Родригез. Ако не знаете кој е вториот, примете сочувство за вашето тажно детство.
Ариба ариба андале андале:
Во огноотпорен сад правиме подлога од сецкан кромид на ленти. Може бел, а може и од овој гоа-трансерскиот. Врз него плискаме малце зејтин и зачинуваме со сол и бибер. Врз овие јасли од арпаџик положуваме кило батаци. Правиме резови со нож низ кожата, ги лубрицираме со масло за готвење и ги зачинуваме со сол, бибер и купишта црвен пипер. Од двете страни. Билатерално. У рерна загреана на 200 степени, 45 минути.
А за тоа време: Сецкаме зелка на многу тенки лајсни. Шо потенки тоа подобро, затоа што полесно ќе прими од дресингот. Дресинг за зелка? Па нормално.
Во блендер или некој сличен уред што душмански сецка храна инсталираме 2 лажици таан паста, грст магдонос или свеж коријандер и пази сеа: ако чувате тегла корнишони, додајте мање-више 100 мл. од сокот. Киселината ќе го разреди таанот и плус одлично парира на зелката. Јас не јадам љуто поради здравствени причини, а овој сос/дресинг душа дава за љута пиперка. Турете по избор: најсоодветно би било некое исферментирано халапењо, но може да ставите и чили или некоја наша РЕШКА! Блендираме, по потреба додаваме малку вода, околу 30-50 мл, за дресингот да биде потечен.
Кога е готов го додаваме врз зелката, зачинуваме со сол и бибер и промешуваме. Оваа кремаста зелка е шампионски додаток за со било кое главно јадење.
Е сеа, да ги спастриме ризлите за нашите такоси. Јас користам готови тортиљи за да заштедам на време и енергија. Ако сакате да направите сами, имате бесконечно многу рецепти по Јутјуб. Углавном мешате вода и пченкарно брашно, месите во тесто, го поделувате на мали топки и со сукало го оформувате до посакуваната големина. На крај ги печете. Како и колку? Доколку имате шпорет на плин, пуштете на среден оган и по минута максимум по страна, зависи колку испечени ги сакате. Доколку имате модерна рингла од оние црвените плотни или одлскулка у форма на винил, на загреана без масло ја повтарате истата постапка. Минута по страна. Кога се испечени покријте ги со крпа. Да фати мајата, шо ја нема.
Во ред. Копаните ни се готови. Вадиме од рерна и со две вилушки ги раскомбосуваме. Внимателно ги вадиме коските (кои уствари би требало да се двојат многу елегантно) и месото и кромидот го тегнеме на тенки конци. Истата техника како со растргнатото прасе. Добивате одлична смеса од пилешко и кромид. Мераци.
Момент на вистината: тортиљата репетирана, редиме прво од месото, потоа од кремастата зелка и на крај освежуваме со парче лимета. Ако после овие такоси немате минимум 10 флеки, нешто сте утнале. Но ок, такото спаѓа во фамилија на ,,неуредни храни’’.
Па, почитувани читатели ем читателки, вадете ги сомбрерата и текилите и поминете си љуто и незаборавно.
Кирил Стоименов - Пејотист