Каков туризам? Антитаратуризам!

ОпШеството, што би рекла една струмичка мистрија која со помош на филмски трикови успеа да стане премиер, постојано ни наметнува шаблони и узди. Од тоа како треба да се облекуваме, во кој да се заљубуваме, каква кариера треба да имаме, па сè до тоа како точно треба да изгледа една традиционално стокмена трпеза - нè учеа слепо да ги следиме нормативите без да си го поставиме круцијалното прашање: Дали постои нешто подобро надвор од овие рамки?

„Птица родена во кафез мисли дека летањето е болест“
- Алехандро Ходоровски, режисерот со најмоќните ражени во кинематографијата

Живееме во свет на кулинарски конформизам каде што секој судир меѓу краставицата со млечен производ автоматски мора да заврши со ист исход: таратор или цаѕики (тркнете до тикток и побарајте компилација од амери што го изговараат зборот). Жртвата овде е краставицата, која со векови е осудена на максимална затворска казна во кулинарските зандани на традицијата, рендана кутрата до непрепознатливост и удавена во млечна вода.

Денес правиме радикален твист и ја ослободуваме краставицата од тој монотон кафез! Овој рецепт е рефлексија на критичкото мислење и обид да се конструира нешто ново од секојдневни намерници, без да се користат треви од Тибет. Со менување на текстурата, внесување на слоеви од свежина и спојување со зрнеста структура, креираме нешто три пати посвежо, повкусно и покреативно.

Излезете од рамките и уживајте во слободата на вкусот.

Состојки

  • Краставица: едра, комада еден (исечкана на ситни коцки)
  • Зрнесто сирење (Cottage Cheese): 200g
  • Павлака или густ кисело-млечен крем: 2 лажици
  • Црвен кромид: 1/2 главица, исечкан на тенки полумесечини
  • Млад кромид: 1 перце, ситно исечкано по дијагонала
  • Сув зачин (оригано/мајчина душица): 1 лажичка

Декорација: Свеж магдонос (ситно исечкан), сува сува црвена пиперка / буковец (за дискретна љутина и контраст), маслиново масло, сол и свежо мелен црн пипер

Прилог за сервирање (по желба): добра ракија (за комплетен бунтовнички ужитак)

Подготовка:

Заборавете на рендиња! Земете ги краставиците, исечете ги на долгнавести ленти, а потоа на рамномерни, цврсти коцки. На овој начин го зачувувате сокот внатре и ја добивате онаа совршена крцкава текстура.

Отстранете ги семките за да не пуштаат вода.

Префрлете ги исечканите коцки краставица во подлабок сад за салата. Посипете ги со малку маслиново масло, сол, црн пипер и суво оригано (или мајчина душица) за да ја разбудите нивната арома уште пред да пристигнат млечните агенти.

Во садот додадете го ситно исечканиот млад кромид и тенко исечканиот црвен кромид. Ова ќе и даде на салатата пикантна нота и длабочина во боите.

Наместо еднолична течност, врз зеленчукот прво нанесете ја зрнеста урда (Cottage cheese), а веднаш врз неа додадете неколку лажици густа павлака или грчки јогурт.

Нежно измешајте ги сите состојки додека да се сплотат, но пазете урдата да си ја задржи својата зрнеста структура.

На крајот посипете со обилен слој свеж магдонос и малку сува црвена пиперка за визуелен контраст.

Послужете ладно со топлина околу срцето, душата и јетрата.
Кирил Стоименов - антитаратурист

29 август 2026 - 20:33