Пуниш триесеипечеш и одма насетуваш дека кризата на средни години те демне позади првата кривина, како Лазар Бараков кога е арамија и се крие позади извесен џбун.
Не ја гледаш у огледало но ѝ го чувстваш невидливото присуство. Експертите, тие вечни воајери на туѓите маки, велат дека опсегот на средните години децениски се менува, во зависност од просекот на животниот век. Па така, тврдат дека последнава деценија, кризата на средно доба започнува веќе од доцните триесети.
Нас миленијалците, како шо не дале Дедо Боже и Дарвин, такви сиромашни и осакатени од 400 инфлации, неколку геополитички трилери и сосема различна работна етика од онаа за која нè подготвуваа, не можејќи да си приуштиме Харли чопери, нити Порше кабрио, купуваме Ер Фраери!
Па шо има везе, негде да се инвестира. Јас купив лани. Не можев да издржам затоа што врсничкиот притисок беше преголем. Си ја викам седан рерна, затоа што има потполно исти карактеристики како рерната само што не е караван и просторна како неа, и загрева троа побрзо. Генерално ја користам како спаринг рерна - кога нешто не ми собира у ортодоксната, со оваа си потпомагам. Но ете ја, фаќа прашина по дома, уште да и стаам тишлајферче одозгора.
Генерално во ерфаерите се готви пилешко, компир, зеленчуци, риба. Но јас ќе ви покажам како да припремате костени, онакви панаѓурски, како на ќумур. Овој уред е идеален за печење костени и го доловува токму оној „коска е надвор, ај на ракија“ ефект на кората на костените. Костените се шампионско мезе во есенско-зимските месеци. Некако потсетуваат на греано вино, на цимет и на предновогодишна еуфорија. Ако не биле добри, ни Чолиќ не би ги опеал у стих, пред да викне тарзански по својата еј драга, драга. Сигурно се и здрави за нешто, ама ме мрзи да проверувам. Битно е да се вкусни.
Затоа проследи финта сега: Половина килограм костени. За момент се претвораме во митрополити и со остар нож им правиме крст на површината. Ножот нека пенетрира до половина јатка, не повеќе. А христијански е да се случи и потоп.
Затоа ги потопуваме во посолена вода и нека пливаат 10 минути. Лагано крштевање. А потоа следи и огненото. Но пред да ги печеме, ги цедиме и ги поминуваме со кујнска крпа. Вака подзасушени ги редиме во ерфраерот и ги фраеришеме на 200 степени 15 минути. Оваа постапка дозволува да се подизгорени а внатре сочни и меснати. Плус, прелесно се лупат. Костените се супер мезенце и идат со свашта. Башка и заситуваат.
Ќе се одјавам со неколку мудри стихови од српскиот лирски деец, Ајс Нигрутин: „Шетале су улицом, ја сам реко ‘де сте’ Јел могу да вам узмем један кестен из ќесе Они су рекле да могу А ја сам одма хтео да им продам дрогу“
Кирил Стоименов - рернист