Бабурите се сумо борачи меѓу пиперките и архаичен фетиш на нашите баби. Нема кој од нас не пораснал на полнети пиперки. Кога слушнам ‘полнети пиперки’ пред очи инстантно ми искача носталгичен холограм од стариот добар ‘Смедеревац’ шпорет на чија ужарена плоча на аголот стои ѓезве или мало тенџере вода (тажните конзументи на хиперпродукцијата денес тоа го викаат хјумидифаeр), по некоја лушпа мандарина наместо вештачки освежувачи со ароми на жива ограда, а на телевизија Зимско Рекреативна Програма.
И додека Ненад Џамбазов те ‘вози’ со некоја стихотворба, на масата атерира чинија полна со овие полнети убавици. Ние денес малку ќе ги разочараме нашите претци со тоа шо нема да ставаме ориз во зајрето. Ја ги сакам стриктно со месо. Мислам дека оваа варијанта на полнети пиперки се вика ‘Ерген паприкаш’, можда и грешам. Како и да е, тоа е одлично име за струмички стрит-панк бенд.
Па ајмо млади моми ünd бачелори, екс-премиерски засукувајте ракав & манжетна:
5-6 бабури, у било која боја, космополитски, нема место за расизам у оваа рубрика. Ги сечеме горните четвртини, тоест - капите кај дршката. Дршките ги елиминираме, а овие пиперски ‘остатоци’ ги сечеме на ситни коцки. Поголемите делови од бабурите ги чистиме од семки, и ги испраќаме у рерна 10-15 минути на 200, малку да омекнат.
Во врела тава запржуваме ситно сецкан кромид, морков, пиперките од погоре, скроз ситни сецкани шампињони (100тина грама) и лук. 10 минути. Тргаме на страна.
Во длабок сад (или USA) сместуваме 300-350 грама мелено месо, микс од гуце и јуне. Додаваме сецкан магданос и мента, една шака презла, зачинуваме по желба, малку масло и запржената зеленчукова компилација од тавата. Добро промешуваме. На сред мешање јас додадов пола филџан доматно пире како сврзувачки аgент. Може и едно јајце да додадете. Аха, ќе заборавев, како опција стои и запржување праз и ореви погоре со зеленчуците. Гром варијанта, траст ми!
Ок, полнењето ни е репитирано. Ги полниме претходно омекнатите бабури. Назад у рерна на сончање едно 20 минути на 180. Пак вадиме, врз секоја бабура постиламе парче моцарела. Назад у рерна уште 40-45 минути на 160.
Дами и говеда, сами и господа, ова меснато сочно полнење ќе ви ги катапултира емоциите на некои потопли безгрижни места, во некои црно-бели времиња, каде душата е дебела, среќна и спокојна ко Буда.
Храната е музика што се јаде. Музиката е храна што се слуша. Почнав да романтизирам. Значи доста е. Уживајте!!!
Кирил Стоименов - полн со празнина, но сепак кредитоспособен