Фудбал

Се остварија големите промени во ЛШ од 2018/2019

Препознатливиот термин за ЛШ од 20:45 оди во историјата и ќе биде заменет со два термини, што значи дека ќе имаме можност да гледаме повеќе фудбал. Убавини. Новите правила им одат во прилог на Италијанците кои повторно ќе имаат 4 претставници во елитата.

Величината на Ибра на дело во Украина

На полувремето од мечот во Лига Европа меѓу Зорја и Манчестер Јунајтед, Златан Ибрахимовиќ на едно дете кое влета во теренот му го даде дресот и покрај тоа што редарите се обидуваа да го тргнат малиот. На крајот, Ибра со гол стави точка на победата на Јунајтед.

Стара ама добра финта на Аргентинците

Мотаме 18 години назад на Мундијалот во Франција или поточно на осминафиналето Аргентина - Англија. Дејвид Симан на жив ѕид ги мести Бекам, Сколс, Ширер, Инс кои немаат појма каква ујдурма им спремаат Батистута, Верон и Занети. Убави времиња со силни состави и класа играчи на терен.

„Прадедо ми го држеле како експонат во зоолошка, а јас да пеам француска химна“

Голем број фудбалери минуваат трнлив пат за да стигнат до врвот, но она низ што поминал Кристијан Карамбе сигурно дека е приказна за долгометражен филм кој би имал рекордна гледаност. Еве и зошто.

Аплаузи за седумката од Шпанија

Три години во низа освојувачи на трофеите во ЛШ и ЛЕ се шпански екипи, па сега вие видете колку е доминантен шпанскиот фудбал во Европа. Групната фаза неделава беше заокружена и во двете клупски натпреварувања Шпанците не сакаат да чујат за елиминација.

Дарко Панчев меѓу 11-те кои можеа повеќе

Фудбал Дејли состави тим од 11 играчи на сите времиња кои направија добра кариера, но не блеснаа според очекуваното. Во напад е нашата легенда заедно со Џовани Дос Сантос кој играше за Барселона, а сега е во Л.А. Галакси и Данецот Харалд Нилсен кој во 70-те настапуваше за Болоња, Интер, Наполи и Сампдорија.

Ги извлековме двојките за ЛШ, пробајте и вие

Пошто обично сме навикнати да биде во петок и не ни се чека до понеделник (12 часот), ние завршивме со ждребот и ги добивме осминафиналните двојки за ЛШ закажани за средина на февруари. Правилата се исти како лани. Носителите се во еден сад, второпласираните во друг. Во оваа фаза не може да се сретнат екипи од иста земја. Можни се јаки двојки како на пример Барселона - Баерн Минхен, Јувентус - Реал Мадрид или Атлетико - Сити.

10 фудбалери со црвен за прослава на гол, има и наш

Топ 10 листа со интересна мешавина на фудбалери и различни времиња каде по прослава на гол судиите се решиле да вадат црвени картони. Некои одлуки се престроги, а некои прослави на гол се скроз непотребни и ризични за играчите. Го има Тевез на младини години во Бока.

Интер пред празна „Меаца“ се прости од Европа

После неколку порази и очајната сезона, тифозите на Интер решија да не ги поддржат играчите вечерва против Спарта Прага каде Интер со триумф во финишот се прости од уште еден европски дебакл.

Со мајсториите на Михтарјан и Ибра, Манчестер оди понатаму

Фенербахче успеа да го победи Феенорд на гостински терен и да го потврди првото место во групата. Понатаму за сега одат и АПОЕЛ, Олимпијакос, Сент Етјен, Андерлехт, Зенит, Астра, АЗ Алкмар, Билбао и Генк.

Порто го згроми Лестер, Реал и Дортмунд играа за публика

Очекувано лесно, но неочекувано високо Порто со 5:0 го демолираше Лестер во дуел на екипи кои се пласираа понатаму. Борусија Дортмунд со гол во финишот израмни на „Бернабеу“ и како прва во групата пред Реал ќе оди понатаму.

Македоникос Козакис и трагедијата од 15 сантиметри

Секогаш кога ќе помислиме дека од најлошото не може да има полошо, ќе се појави некој фудбалски цар да нè демантира. Дечкото од српскиот нисколигаш Локомотива може слободно да му се смее на напаѓачот на грчкиот четвртолигаш Македоникос Козакис, а му се смееме и ние.

Ноември низ призма на голови и мајсторски потези

Имаше што да се види минатиот месец во фудбалска Европа, па и пошироко. Од слободниот удар на Меси против Колумбија, волејот и пасот на Погба, дриблингот на Караско, рабоната на Пероти. Уживајте.

„Ќе јадеш порција јајца од овен за да докажеш дека си карактер“

Белгискиот весник Le Soir на почетокот на неделава објави неколку необични ставки од договорите меѓу познати фудбалери и клубовите. Сите податоци на новинарот му ги дале хакери од групата Football Leaks коишто ги плашат фудбалските работници ширум светот веќе една година.

Еден од најдобрите фелш удари во Купот на УЕФА

Напишавме Куп на УЕФА по старо бидејќи се работи за 2001/2002,сезона во која полуфиналињата не беа воопшто за потценување: Милан - Борусија Дортмунд и Феенорд - Интер и потоа финале Феенорд - Борусија 3:2. Холанѓаните тогаш имаа страшен напад со Пјер ван Хојдонк, Јон Дал Томасон и Робин Ван Перси.

Воинот од Милан кој не може без ражничи и балет во соблекувална

Џанлука Лападула не е од оние фудбалери кои не летаат во облаци од слава и не бараат 200.000 фунти неделно со образложение дека 150.000 им се малку. Тој е играч со приказни кои имаат душа и кои потекнуваат од локално кафанче каде се уште е виснат неговиот дрес.

Како изгледа најстарата фудбалска топка на светот

Датира од пред 450 години и е пронајдена на крајот од минатиот век во еден замок во Стерлинг, Шкотска. Се претпоставува дека со неа играле шкотските војници и слугите на кралицата Марија Стјуарт.

Царот од Белгија кој си дал три автогола

Мечот Андерлехт - Жерминал Екерен од 1995. година ќе остане запаметен по Стан Ван ден Бујс, бекот на гостите кои постигнал хет-трик од автоголови во триумфот на Андерлехт од 3:2.

Француски шестолигаш се израдува на ждрепката за Куп

Полу-аматерскиот шестолигаш Биариц од истоименото градче кое има околу 25.000 жители со душа ја чекаа ждрепката за 9. коло од Купот на Франција. Прво дознаа дека ќе бидат домаќини, а потоа ерупција од задоволство кога дознаа дека противник ќе им биде Рен, 115-години стариот клуб кој е еден од основачите на Лига1. Журката можеше да почне.

Во Индија не бил баш тапа фудбалот

Индија во 2013-та ја оформи таканаречената Супер лига со 8 екипи и со тоа го живна фудбалот во оваа земја каде тренери се Матераци и Ѕамброта, а претходно беа Роберто Карлос и Ањелка. Од фудбалерите најзвучни имиња се Диего Форлан, Мохамед Сисоко, Постига и Малуда. Секој клуб има обврска во состав да има по минимум 8 странци. Според видеово навистина се живнати.

Барселона во прво полувреме додавала по 13 пати во минута

Бескрајните пасови на Каталонците кои рушат екипи со 4:0 и кога не бркаат ништо, ги уриваат параметрите кои водат статистика. Се додека тоа им носи резултат, никој нема право да рече дека таква уметност може да биде досадна.

Наполи ја освои Бенфика, но заедно одат во осминафинале

Дуелот меѓу Динамо Киев и Бешикташ го донесе најнеочекуваниот резултат во првата ноќ од 6. коло во ЛШ. Домаќините не беа во игра ниту за трето место, но ги потопија Турците 6:0 и ги пратија во ЛЕ, каде пласман обезбедија и Лудогорец и Ростов.

Плачки во Киев, Бешикташ губи 5:0

Во групата Б, фудбалерите на Бешикташ требаше само да слават против Динамо Киев на гости за пласман во осминафинале и потоа уво да не ги боли за исходот од дуелот Бенфика - Наполи. Но по првите 45 минути им се случи кошмар. Примија 4 гола и добија црвен картон, а голманот Фабрицио по четвртиот гол беше срушен и психички. Во првите 15 минути од вториот дел нов шамар, а тоа е уште еден гол и уште еден црвен.

Стоперот облечен во напаѓачко одело

Дава голови во сите натпреварувања каде што игра Реал Мадрид, а навивачите носат дресови со неговото презиме и броевите 92:48, моментот кога Серхио Рамос даде гол против Атлетико во финалето на ЛШ во 2014-та во Лисабон и обезбеди продолженија.