Ќе почнеме од насловот кој го напишавме поради асоцијација на времето. Најпрецизно тој би одел вака: Шпанија нема пораз во квалификациски меч за Светско уште од времето кога македонската фудбалска репрезентација го немаше одиграно првиот официјален меѓународен натпревар.
Нашето фудбалско деби се случи на 13 октомври 1993-та во Крањ кога ја победивме Словенија со 1:4, а последниот пораз на Шпанците во мундијалски квалификациски натпревар датира од 31 март 1993-та. Победничка серија од 24 години за неверување.
Шпанија викендов со головите на Силва, Витоло, Коста и Иско го совлада Израел со 4:1 и стигна до рекорден скор од 44 победи и 13 нерешени на последните 57 квалификациски средби за Светско.
Тој последен пораз им е од Данска 1:0 за која настапуваа легендарните Питер Шмајхел и Брајан Лаудруп кои една година претходно станаа Европски прваци, а за Шпанија меѓу другите настапуваат Пеп Гвардиола и Андони Зубизарета.
Шпанија под водство на новиот селектор Хулен Лопетеги на последните седум средби има постигнато 23 гола, а има примено само четири. Под негово водство се препороди Диего Коста кој постигна 4 гола на последните 5 настапи, додека со Дел Боске даде само еден на 10 натпревари.
Каква ефикасност очекуваш од репрезентација чиј селектор после петочниот триумф над Израел даде ваква изјава:
„Дадовме четири гола, но можевме да дадеме многу повеќе“
Најблиску до овој рекорд на Шпанците е Германија која во тој период има загубено еден меч и Италија кога има загубено два.
Пандев и Несторовски ќе го напаѓаат ова врвно достигнување на Шпанија на 11 јуни во Скопје во 6-то квалификациско коло за СП 2018.