Фудбал

И Рој Кин е од крв и месо

Во подкастот со старото добро друштво од Премиер лигата, Рој Кин пушти солза откако извади слика од родителите пред Вембли. Го тешеше Јан Рајт, кој инаку преклани седеше под нас на стадион на мечот Македонија - Англија.

Комична сцена со картони во МЛС

Играч на Лос Анџелес Галакси го удри в лице својот чувар, за што судијата без размислување извади жолт картон, ама кога ѕирна на списокот дека веќе му дал еден, се пишмани. Уште ова го немавме видено.

Еврогол на Шкендија и триумф против бугарски Лудогорец

Шкендија направи огромен успех откако го совлада бугарскиот шампион Лудогорец со 2-1 и тоа после пресврт откако Бугарите поведоа 0-1 со гол на Дерој Дуарте уште во 17' минута. Прво Лиридон Љатифи постигна фантастичен гол од преку 30 метри од слободен удар и тој погодок сигурно ќе конкурира за најубав на колото во Лига Европа. Капитенот на Шкендија Бесарт Ибраими го постигна победничкиот гол во 60' минута за 2-1. Реваншот е следниот четврток во Разград во Бугарија.

Навивачите на Јагелонија скандираа за Чурлинов

Јагелонија го совлада Динамо Тирана со 3:0 во првиот плејоф меч од Конференциската лига. Македонскиот репрезентативец, Дарко Чурлинов, кој е под договор со тимот на Барнли, минатата сезона ја одигра на позајмица во полскиот клуб. Навивачите очигледно го бараат назад.

Де Хеа пантер

Фиорентина ги реши сите прашања околу пласманот во групна фаза на Конференциска лига откако со 0-3 го совлада дебитантот во еврокупови, Полисја Житомир од Украина. Виолетовите имаат уште и реванш во Фиренца, а меѓу најзаслужните за триумфот беше голманот Давид Де Хеа кој бранеше феноменално.

Страшна една минутна компилација со Џерард и Торес

Нема навивач на Ливерпул кој не уживаше во дуото Торес - Џерард. Играа заедно помеѓу 2007 и 2011 година и беа кошмари на противниците. Во тој период постигнаа 81 гол (Торес 52, Џерард 29) со стапка од 1,13 гола на 90 минути. Клипот на кој налетавме е лудница.

Знаете дека жолт картон за соблечен дрес е поради Диего Форлан?

Во 2002 година Диего Форлан дава гол против Саутемптон во Премиер лига. Го слави така што го соблака и мавта дресот пред навивачите. После неколку минути не може да го облече повторно, натпреварот продолжува а Уругваецот од Манчестер Јунајтед трча без дрес. Од тогаш ФИФА реши во 2004-та поради овој случај да го донесе правилото за задолжителен жолт картон за соблечен дрес при прослава на гол.

Чуден е фудбалскиот пат, не знаеш кај ќе те однесе

Најбараниот фудбалер во Англија летово, полушпицот и крилен напаѓач на Кристал Палас, Еберечи Езе ќе го засили Арсенал кој е во потрага по напаѓач откако стигнала вест дека Кај Хаверц ќе пропушти голем дел од првата полусезона. Езе има 11 настапи за Англија и 1 гол. За Кристал Палас игра од 2020-та и има преку 150 настапи со 34 гола. Како мал на 13 години тренирал во Арсенал но го отпуштиле поради тоа што бил „недоволно талентиран“. Сега го враќаат за 67,5 милиони фунти!

Му ја уништи кариерата на автобусот со еден потег

Најголемата будалаштина која ќе ја видите денес е оваа и ниту една друга. Точка. Ова е дриблинг на векот.

Имате 2.500 фунти од мене, што пие цела кафана

Убавите приказни се во помалите клубови. Иако сепак зборуваме за премиерлигаш. Со ваков маалски и мангупски потег, во секунда се влегува под кожа на навивачите.

Во новата Лига на шампиони Бодо Глимт, Пафос, Карабах и Каират?

Квалификациите за Лига на шампиони сè уште се во тек, но по првите одиграни средби, пред реваншите, веќе ѕиркаат евентуални сензационални пласмани во најелитната лига на свет.

Добра фора на Ројс од корнер, ама и противничкиот играч беше од негова

Лос Анџелес Галакси ја совлада Пачука со 2:1. Имаме интересен материјал од мечот. Поранешниот германски репрезентативец учествуваше во двата гола. Вториот го даде, а првиот „му го намести“ на еден од гостинските играчи. Во 95-та Пачука се израдува барем на почесен, ама мајсторски погодок, кој вреди да се погледне.

Поранешен НБА играч стана фудбалер

Некогашниот кошаркар на Далас Маверикс и репрезентативец на Русија Павел Подколзин кој во НБА беше две сезони но забележа само шест настапи, сега на 40 години решил да се проба во фудбалот. Заиграл за аматерскиот клуб Амкал Москва кој победил на гости кај Калуга 0-1 во квалификациите за Куп на Русија.

Реакцијата на Марадона на свирежи на химната во Италија '90

Пред почетокот на големото полуфинале на Светско првенство 1990 меѓу домаќинот Италија и Аргентина, италијанските навивачи ја исвиркаа жестоко химната на „гаучосите“ и на „Олимпико“ во Рим. Наводно Марадона имал некои коментари за италијанските навивачи па свирежите биле поради него. Пцуеше со познатото „ихо де пута“ (кучкин син) а Аргентина победи на пенали.

Браво деца, така се игра фудбал

Македонската фудбалска репрезентација до 16 години ја совлада Црна Гора со 3:0 на пријателска која се одигра на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Стрелци Адриан Велевски, Марин Крстевски и Стефан Ристиќ. Сите три гола ги изработија атрактивко и многу фудбалски.

Гарначо би седел и на трибини ако не го пуштат во Челси

Фабрицио Романо, твитерџијата кој стана стручњак за трансфер пазарот, вели дека аргентинскиот репрезентативец од Манчестер Јунајтед, Алехандро Гарначо по секоја цена сакал да оди во Челси и да го напушти „Олд Трафорд“. Го барал и Баерн Минхен а Јунајтед не сака да го пушти под своите услови.

Е сега може да веете палестинско знаме

Фудбалската лига на САД, МЛС им дала дозвола и зелено светло на навивачите на Колумбус Кру на своите домашни натпревари слободно да веат знамиња од Палестина, но само на нивната навивачка трибина зад голот, не и на другите.

Клуб Бриж го прегази Ренџерс на Ајброкс како никој

Белгискиот шампион Клуб Бриж го торпедираше Ренџерс среде Глазгов на преполн „Ајброкс“ со 1-3 во првиот натпревар од баражот за Лига на шампиони. Белгијците водеа со 0-3 после 20 минути игра а тогаш дел од гледачите почнале да го напуштаат стадионот. Фермант во 3-та минута, Жорне Спилерс во 7-ма минута и Брандон Мекеле во 20-та минута ја наполнија мрежата на Бутленд. Реваншот е за една недела а Клуб Бриж со една нога е во елитната и богата Лига на шампиони.

Деби гол на Жоао Феликс на асистенција на Роналдо

Ал Наср се избори за финале во Супер Купот на Саудиска Арабија, откако го совлада Ил Итихад на Бензема со 2:1. Мане даде гол, а потоа доби црвен, а мрежата ја начна и новото засилување, Жоао Феликс на додавање на Роналдо.

Жолт картон во Украина зошто зборела на руски

За време на натпревар од женската фудбалска Премиер лига на Украина меѓу Колос и ФК Сестри, главната судијка Анастасија Романјук ѝ покажала жолт картон на една од фудбалерките на гостинките од Одеса, Ирина Мајбородина зошто зборувала на руски јазик додека се бунела за некоја судиска одлука.

Мбапе со магија, нанижа тројца фудбалери на Осасуна

Реал Мадрид конечно го одигра долго озборуваниот натпревар против Осасуна и славеше 1-0 во првиот дуел од Ла Лига за „кралевите“ со што ја отворија сезоната. Килијан Мбапе го постигна единствениот гол на натпреварот а имаше и неколку мајстории. Во следно коло тимот на Чаби Алонсо гостува кај Овиедо.

Шок за Ѕвезда, прими голчиште за 38 секунди и загуби од Пафос

Три плејоф битки во ЛШ, три победи на гостите. И покрај фаворитската улога, Црвена Ѕвезда загуби дома од Пафос со 1:2, а со идентичен резултат 1:3 завршија средбите Ференцварош - Карабах и Ренџерс - Клуб Бриж. Убав гол даде Жоао Кореја, кој ги изненади белграѓани уште во првата минута од мечот.

Други времиња, поинакви правила

Можете ли да замислите ваков дуел во денешно време во Премиер или било која друга лига? Или па со вакво нешто да се соочи некој од оние несреќине што глумат од контакт со мал прст? Па уште и се ракуваа на крај, а не видовме ниту картон.