Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Електро авторитети

Еден од најкотроверзните експерименти изведени во "слободниот свет" во кој со електро-  шокови се тестира спремноста на луѓето да им се потчинат на авторитети. Колку да се знае, главниот доктор Стенли Милграм бил инспириран од судскиот процес на првиот СС-овец Адолф Ајхман.

Тесла и Твен денес

Никола Тесла и Марк Твен е двојката која сочинува едно од најчудните пријателства во историјата (стварно биле другари). Едниот саркастичен сатиричар, другиот луд научник, двајцата брилијантни на сопствен начин. Марк Твен пишува за изумите на Тесла, а овој пак во неколку експерименти го користи Твен како "жртвено јагне." Сето тоа некогаш. Kако би излгедале двајцата ликови кога би се појавиле во 2012-та.

Свила

Колку порано го фатите ова, толку поголем дел од работниот ден ќе изгубите. Во основа имате 6 бои и три начини да ги искористите. Целото е толку добро направено и толку лесно, што после некое време ќе помислите дека стварно ве бива за овие работи.

Живот во најава

Поправна мерка од типот "види што те чека." Млади деликвенти со по неколку прекршоци ги носат во затвор за да се запознаат со своите потенцијални цимери, па сами нека решат што и како.

Како да обиеш банкомат за 60 секунди

Ти требаат четворица, токмак, хебла и сајла. Прв чекор, го отвораш банкоматот како паштета.

Роботска кооперација

Новиот исчекор во роботиката се вика "просторно таргетирана комуникација и самосоставување". На нашки се преведува: "сме наебале". За да нè одоброволат, ни покажуваат дека синхронизираните роботи ќе ни носат пиво и чипс на тросед. А во реалноста, ќе ни носат правосмукалка бидејќи командите ќе бидат кај жената. 

Како се сака машко?

Чујте една реална и автентична мудрица. Естетските стеротипи веднаш паѓаат во вода откако ќе ги слушнете нејзините ведри, позитивни и здраворазумски погледи на машко - женската љубов. Се вика Амара Шабиќ Лангиќ, муслиманка со 4 деца, живее во Травник и болува од мултиплекс склероза. Царица!

Дитер Рамс: 10-те принципи на добриот дизајн

Дитер Рамс повеќе од 30 години е главниот дизајнер на Браун, одговорен за иконските производи кои излегоа од оваа компанија. Токму тој е човекот во кој се крстат сите дизајнери на Епл, а сите феноменално скроени производи што Епл ги вади во последните 10-на година се инспирирани токму од неговата работа. Според Рамс, единствено Епл ги следи неговите 10 принципи на добриот дизајн.

Филмови кои не мораа толку да траат

Тие што ги излгедале овие филмови, знаат дека во сите нив клучен беше само еден момент. Една поинаква одлука и се ќе се беше поинаку.

Родова рамноправност (обратна варијанта)

Целна група: жени
Јазик: чисто Струшки
Времетраење на проектот: 7 дена
Напомена: Проектот се учит теоретски, сама че се праксираш.

Најдоброто спуштање во кампањата

Не е за Ромни, туку е за Доналд Трамп. Обама запрашан што има Доналд Трамп толку против него: Се почна уште на времето кога двајцата растевме заедно во Кенија.

Како да бидете добри со нож

Анатомија на нож, поделба на кујнски ножеви, неколку финти за поефикасно користење и како да се разберете со луѓе на тема ножеви.

Комплименти за итни случаи

Во секое време кога ќе ви фали некој убав збор а немате некој во близина (или воопшто) да ви даде кураж, отворете го линков. Знае он што да каже.

Проект: Родова рамноправност

Целна група: мажи
1.1 Женети мажи
1.2 Мажи кои се спремаат за женење
Јазик на кој ќе се одвива обуката: Македонски, кумановски дијалект

Апел од редакцијата

Фала, фала, можете да престанете да ни го праќате Митар Мириќ во огромни количини! Збуделавме колку е добар! Се испостави дека албумот постои ама насловите на песните се производ на нечија дополнителна креативност. Невердлес, Митар си е Мириќ па сакаме да го споделиме и озглогласениот албум и нашиот најјак хит од него (песна која ако јси ја пуштите рано насабајле, денот може да ви тргне само во вистински правец, бидејќи веќе сте го допреле дното). И стварно фала за соработката, супер се овие "колаборации".

Геј егзорцизам

Ваква сцена имаме пред себе: човек кој е опседнат со демонот на хомосексуалноста (иако, по фаца повеќе личи дека има проблем со столицата отколку со демонот) и свештеник високо обучен да го избие педерот од него. Демонот малку се инати, менува глас, се опира, ама на крај попушта (Егзорцистот ептен ербап) и го напушта телото на ова Божје чедо. Кутар демон, со какви будали си има работа.

Приказната за Тејлор Морис

Тејлор Морис и Даниел Кели се дечко и девојка. По некое време, Тејлор решава да се пријави во армијата е и распореден во Авганистан. Таму, во една експлозија ги губи сите 4 екстремитети. Ова е приказната потоа. Предупредување: до крајот на видеото, вашите проблеми може да ви изгледаат глупо.

Обама од Бронкс

Кратко филмче (5 мин) за Луи Ортиз, невработен тип од Бронкс кој ја открива смислата на својата егзистенција кога сфаќа дека неверојатно личи на американскиот претседател.

Животот во телешоп реклама

Во основа човековиот род не може да изгледа поглупо отколку на реклама за телешоп. Еден непрекинлив след на неспособност и немање координација на рацете и очите. Посебно проблематичен момент за човештвото - наливање (вода, кола, млеко). Еве како луѓето во телешоп индустријата го замислуваат вашиот просечен ден.

Гугл не е ист за сите

Резултатите што вие ги добивате на Гугл за едно исто пребарување, не се исти со резултатите што ги добива вашиот сосед или кој било друг човек. Генерално резултатите се адаптираат врз основа на сите податоци што Гугл ги има за вас: од пол, возраст и локација, до претходни пребарувања и пријатели на ФБ.

Ова не е фотографија

Диего Фазио е 22-годишен самоук уметник кој живее во Италија. Во цртањето влегува со правење тетоважи за подоцна да се префрли на фотореализам. И тоа го прави одлично.

Комеморација за почит

На комеморациите солзите се вообичаена работа. Кога Том Хенкс држи говор за покојникот (неодамна починатиот актер Мајкл Кларк Данкан од филмот Зелена милја), солзите се од смеење.