- Рамзан Кадиров, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, е реизбран за петти мандат како лидер на јужниот регион Чеченија, со 99,85% од гласовите, соопшти руската изборна комисија.
- Имал двајца противкандидати, кои добиле по 0,05% од гласовите.
- Кадиров го подобри резултатот од 2021 година, кога освои 99,73%.
- Немаше изненадувања ни на изборите за пратеници за руската Државна Дума, први откако почна војната во Украина. Партијата Обединета Русија на Путин освои рекордни 355 од вкупно 450 мандати, Комунистичката партија освои 40 пратеници, а националистите од ЛДПР 25.
- Путин го претстави гласањето како „тест за јавната поддршка за специјалната операција“ во Украина, но повеќето политичари кои отворено се спротивставуваа на војната беа спречени да се кандидираат. На либералната партија „Јаблоко“ не ѝ беше дозволено да истакне листа на национално ниво.
- Русија спроведе избори и на Крим, кој го анектираше во 2014 година, како и во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луханск, Запорожје и Херсон. Украина ги прогласи изборите таму за незаконски. Европската Унија исто така објави дека нема да го признае гласањето на окупираните територии ниту резултатите.
- Италијанската премиерка Џорџа Мелони најави планови за забрана на облека што го покрива лицето, како што се бурка и никаб, во училиштата, за ограничување на бројот на странски ученици во паралелки и обврска за родители на странски ученици да го научат италијанскиот јазик.
- „Италијанските училишта треба да останат места каде што учениците можат да комуницираат, да учествуваат и да се интегрираат во општеството, изјави Мелони пред младинското крило на нејзината партија Браќа на Италија.
- Франција, Белгија, Данска и Австрија имаат ограничувања за облека што го покрива лицето, а Швајцарија лани воведе национална забрана.
- Мелони ги претстави мерките како прашање на слобода и еднаквост на жените. Истакна дека ниту една традиција не смее да се користи за да се принуди млада жена да го крие своето лице. Предлогот не се однесува на марамите и хиџабот, кои не го покриваат лицето.
- Законското ограничување на бројот на странски ученици во иста паралелка е насочено кон интеграцијата. „Ако само мал број ученици имаат тешкотии со зборувањето италијански, наставниците и соучениците можат да им помогнат“, објаснува Мелони. Во училиштата низ Италија денес има 11,6% деца кои не се италијански државјани.
- Десничарската партија Алтернатива за Германија освои најмногу гласови на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, додека конзервативната ЦДУ на канцеларот Мерц не го помина ни изборниот праг од 5% од гласовите, прв пат по 1949 година.
- Според неофицијални резултати, АфД освоила 38,3% од гласовите, пред социјалдемократите со 35,4%. ЦДУ освоила 4,9%.
- „Тоа е катастрофа“, изјави Мерц по објавувањето на резултатите, но истакна дека нема намера да поднесе оставка, и дека ќе ја продолжи реформска агенда на коалициската влада.
- Токму последиците од тие реформи – како падот на стандардот и издвојувањето помош за странство, ги поттикнаа Германците да не гласаат за ЦДУ. „Со овие плати, тешко дека можете да си дозволите што било“, изјавила за Ројтерс жена од Шверин. „Потребни ни се парите за нашата земја, за децата и пензионерите“, додава постар гласач.
- ЦДУ ја изгуби власта и во главниот град Берлин. Левичарската партија Линке освои 25,3% од гласовите, пред ЦДУ со 19% и АфД со 16,3%. Линке во кампањата најави дека сака да го национализира домувањето од корпоративните сопственици и да ги ограничи кириите.