Министерството за правда на САД, заедно со Комисијата за тргување со стокови фјучерси, истражува најмалку четири сомнителни тргувања на пазарите за нафта, на кои непознати лица оствариле добивка проценета на над 2,6 милијарди долари.
Нивните трансакции биле исклучително ризични и зависеле од изјавите на Доналд Трамп за војната против Иран, за кои не можел да знае никој освен луѓето од најблискиот круг околу претседателот. Во еден случај бил извлечен профит од изјава на шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи. Истрагата е во првична фаза и нема осомничени лица.
Во фокусот на истрагата се четири конкретни случаи во периодот од 23 март до 21 април. ABC News ги сумира вложувањата врз основа на податоци од Лондонската берзанска група (LSEG).
- На 23 март, 15 минути пред Трамп да објави дека ќе ги одложи заканите за напади врз електричната мрежа на Иран, трговците оствариле добивка од 500 милиони долари од трансакции со претпоставка дека цените на нафтата ќе паднат.
- На 7 април, неколку часа пред Трамп да објави 30-дневен прекин на огнот со Иран, трговците се обложиле на 960 милиони долари дека ќе поевтини нафтата.
- На 17 април, 20 минути пред министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, да објави на социјалните мрежи дека е отворен Ормускиот теснец, трговците се обложиле на 760 милиони долари дека цените на нафтата ќе паднат.
- На 21 април, 15 минути пред Трамп да објави дека ќе го продолжи прекинот на огнот, трговците поставиле серија облози во вредност од 430 милиони долари дека цените на нафтата ќе паднат.
Само од овие четири случаи, била остварена добивка од 2,64 милијарди долари, но не се отфрла дека имало и други сомнителни тргувања.
Волстрит журнал денеска јави за „наплив“ од продажба на нафта непосредно пред порталот Аксиос да ја објави веста дека Трамп верува дека се приближува кон договор со Техеран за завршување на војната. Тоа ги охрабри инвеститорите и цената на фјучерсите на нафта падна за речиси 7%.

Веста на Аксиос беше објавена во 4.50 часот по локално време. Околу еден час претходно, во периодот од 3.42 до 3.47 часот, имало ненадеен наплив на активност од 700 милиони долари на пазарот на фјучерси за сурова нафта „брент“ и „западен Тексас Интермедијард“. Во тие пет минути цената на договорот „брент“ паднала за 84 центи за барел, што укажува на агресивна продажба. Инвеститорите не забележале друг јасен катализатор што би оправдал таква активност.