Откако Доналд Трамп го почна својот втор мандат и воведе строги имиграциски политики, Стејт департментот поништил повеќе од 100.000 визи. Ова е зголемување од 150% во однос на 2024 година.
Поништени се 8.000 визи на студенти и 2.500 специјализирани визи на работници што ги прекршиле законите. „Ќе продолжиме да ги депортираме овие насилници за да ја одржиме Америка безбедна“, соопшти Стејт департментот.
Четирите водечки причини за поништување на визите се пречекорување на дозволениот престој, возење под дејство на алкохол, напад и кражба.
„Стејт департментот отвори Центар за континуирана проверка со цел да се обезбеди сите странски државјани на американска почва да ги почитуваат нашите закони. Брзо ќе бидат одземени визите на оние кои претставуваат закана за американските граѓани“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Администрацијата на Трамп ги заостри и критериумите за доделување визи и ги прошири проверките на апликантите. Новата директива до дипломатските претставништва е да бидат внимателни кон сите кандидати кои може да бидат непријателски настроени кон САД и кои имаат историја на политички активизам.
Близу 2.000 луѓе, и демонстранти и припадници на силите за безбедност, досега загинале во масовните протести низ Иран, изјавил за Ројтерс анонимен функционер од Техеран. Тој не прецизирал по колку жртви има од секоја страна.
Од Техеран досега немало ниту едно официјално соопштение за бројот на загинати, а нема ни прецизни независни извештаи поради речиси целосната блокада на интернетот.
„Владата ги смета и безбедносните сили и демонстрантите за свои деца. Во рамките на нашите можности, се обидовме и ќе се обидеме да ги слушнеме нивните гласови, дури и ако некои се обидоа да ги злоупотребат протестите“, изјави портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани.
Изворот на Ројтерс ги нарекол демонстрантите „терористи“, што сведочи за двоен пристап на властите кон протестите. Претседателот Масуд Пезешкијан вчера изјави дека „владата ја слушнала загриженоста на дуќанџиите“ и дека „вложува максимални напори да ги реши нивните економски проблеми“.
Пезешкијан ја префрли одговорноста за нередите врз терористи уфрлени од САД и Израел, во обид да го дестабилизираат Иран. „Тие обучија некои луѓе во земјата и потплатија терористи однадвор“, изјави претседателот.
Претседателката на Молдавија, Маја Санду, вели дека би гласала за обединување на нејзината земја со Романија, ако прашањето стигне до референдум.
„Погледнете што се случува околу Молдавија денес. Погледнете што се случува во светот. Сè потешко е за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена земја и да ѝ се спротивстави на Русија“, рече Санду за британскиот подкаст „Остатокот е политика“.
Молдавија беше дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога беше анектирана од СССР. Независност прогласи во 1991 година по распаѓањето на Советскиот Сојуз.
На референдумот во 2024 година, тесно мнозинство Молдавци (50,4%) гласаа за членство во ЕУ.
Анкетите покажуваат дека околу две третини од Молдавците се против повторно обединување. Поддршката е традиционално поголема во Романија.