Дали труењето со олово создаде генерација сериски убијци?

Во новата книга Murderland: Crime and Bloodlust in the Time of Serial Killers, писателката и историчарка Каролин Фрејзер изнесува провокативна теза: наглиот пораст на сериски убијци во САД од 1960-тите до 1980-тите не бил случаен, туку делумно поврзан со масовната изложеност на олово и други тешки метали.

Фрејзер го фокусира своето истражување на Пацифички северозапад, особено областа околу Такома, Вашингтон, каде во ист период живееле или дејствувале фигури како Тед Банди, Чарлс Менсон и Гери Риџвеј. Регионот бил опкружен со големи топилници и индустриски погони кои со децении испуштале олово и арсен во воздухот и водата. Кај децата од повоената генерација биле измерени алармантни нивоа на олово во крвта - токсин за кој е познато дека влијае врз развојот на мозокот, самоконтролата и агресијата.

Фрејзер не тврди дека оловото директно „создава“ сериски убијци, туку дека претставува еден од клучните фактори во поширок сплет на околности: сиромаштија, насилство, занемарување, мозочни повреди и општествена нестабилност. Во тој контекст, таа ги чита сериските убиства како индиректна последица на индустрискиот развој и еколошкото занемарување, или, „колатерална штета на просперитетот“.

Статистиките што ги наведува се впечатливи: бројот на активни сериски убијци во САД нагло расте од 1960-тите, достигнува врв во 1970-тите и 1980-тите, а потоа драматично опаѓа од 1990-тите наваму. Овој пад временски се поклопува со постепеното укинување на оловото од бензинот и построгите еколошки регулативи.

Критичарите не се баш затрчани да се согласат - забележуваат дека врската меѓу оловото и насилниот криминал е сложена и нецелосно докажана. Иако бројни студии потврдуваат дека изложеноста на олово ја зголемува агресијата и деликвенцијата, мета-анализи покажуваат дека намалувањето на оловото објаснува само дел од падот на стапката на убиства. Други фактори - поспремна полиција, ДНК-технологии, надзорни камери и променети социјални навики - исто така одиграле значајна улога.

Алтернативната „теорија на рутинска активност“, популарна меѓу криминолозите, укажува дека сериските убијци делувале во време кога едноставно имало повеќе можности: автостоп, слаба меѓуинституционална соработка и минимален надзор. Денес, таквите услови речиси и не постојат.

Murderland не нуди едноставен одговор, но отвора важно прашање: дали историјата на насилството треба да ја читаме не само преку индивидуални злосторници, туку и преку средината што ги обликувала. Во таа смисла, „вистинскиот криминал“, сугерира Фрејзер, можеби не е само во убиствата, туку и во начинот на кој општеството со децении се однесувало кон сопствената животна средина.

8 January 2026 - 00:00