10 знаци дека сте во штетно пријателство

Не сите пријателства се создадени да траат. Некои природно избледуваат, други знаат да се влечкаат, да останат и да прават длабока штета.

Проблемот е што токсичните пријателства ретко се очигледно лоши, особено кога станува збор за луѓе што ги познаваме со години. Според терапевтката за врски Ерин Мајер, постојат јасни предупредувачки знаци дека една пријателска врска повеќе не е здрава и често ги игнорираме токму поради навика, лојалност или страв од осаменост.

Еден од првите знаци се суптилните навреди маскирани како шеги. Ако хуморот постојано оди на ваша сметка, а вие сте „само премногу чувствителни“, тоа не е блискост, туку омаловажување. Лојалноста, вели Мајер, не значи трпење непочитување, туку заемна грижа.

Друг чест сигнал е истурањето трауми без фидбек. Секој има потреба да се пожали, но ако вие постојано слушате, советувате и смирувате, а ретко некој ве прашува како сте, тогаш не станува збор за рамноправно пријателство.

Трет знак е исчезнувањето кога работите стануваат сериозни. Ако личноста се повлекува кога вам ви е тешко, но очекува целосна достапност кога таа има проблем, тоа е искористување - не поддршка.

Четврто, обрнете внимание како се чувствувате по дружењето. Ако редовно си одите исцрпени, анксиозни или со чувство дека внимавате што зборувате, тоа не е моментална фаза, туку образец.

Петтиот знак е минимизирање на сопствените успеси. Ако ги цензурирате радоста, растот или успехот за да „го зачувате мирот“, пријателството веќе не е „безбеден простор“. Вистинските пријатели не ве „смалуваат“ за да се чувствуваат подобро.

Мајер предупредува и на граници што се преминуваат во име на „лојалност“. Постојаното барање, јавување и целосна достапност не е блискост, туку зависност. Вистинската грижа остава простор за автономија.

Седмо - кога ќе почнете да растете како личност - ако вашиот личен развој предизвикува ладност или отпор, тоа не е загриженост, туку контрола маскирана како грижа.

Осмиот сигнал се нарушените односи на моќ - кога една личност секогаш одлучува, доминира или ги потценува вашите идеи.

Деветтиот знак се анти-извинувањата: „Жал ми е што така се чувствуваш“ или „Извини, ама…“. Таквите фрази не се преземање одговорност и ги минимизираат вашите чувства.

Десеттиот, и често најопасен, е користењето апсолути - „секогаш“, „никогаш“, „или си со мене или против мене“. Тоа е форма на емоционална манипулација што го гаси дијалогот.

Според Мајер, напуштањето на вакво пријателство е тешко затоа што жалиме за заедничката историја и за верзијата од себе што некогаш ја имало таму. Но заздравувањето започнува кога ќе си ја вратите довербата во сопственото чувство за мир.

Здравите пријателства не трошат енергија - растат заедно со нас.

9 јануари 2026 - 11:15