
Само еден играч синоќа го одигра цело финале во Рига на Евробаскетот, а тоа е Џеди Осман. Ергин Атаман му даде полна доверба од 40 минути, а тој одговори со 23 поени од кои 6 тројки, како и 5 скока.
Тоа е реткост во кошарката, особено во финале кое е тешко за играње и психички и физички. Џеди беше еден од најдобрите и најборбени играчи на Турција, а го заслужи и златниот медал. Леташе по цел терен и поентираше од сите позиции.
Интересно за македонската јавност беше кога само две години откако му стана соиграч на Леброн Џејмс во Кливленд, на Ол старот 2019-та се појави со патики на кои го имаше и македонското знае.
„Многу сум среќен што сум тука и што бев дел од овој натпревар. Многу беше забавно. Роден сум во Македонија, а вечерва ја претставувам Турција. Двете знамиња на моите патики се знак дека ги претставувам и ги сакам двете земји. Знам дека и Македонците навиваат за мене исто како и Турците“ изјави Осман.
Која е неговата приказна? Џеди Осман е по татко Турчин, а по мајка Босанец и до 4 години живеел во Охрид спроти пазарот. Потоа со семејството се преселил во Сараево и почнал да тренира во КК Босна, од каде на 12 години заминува во Ефес.
Неговиот пат од Охрид до НБА за Офф.нет во една прилика го раскажаа Весна и Исмаил, тренери во КК Колибри каде Џеди тренирал за време на летните распусти.
„Џеди го познавам од неговата 7-ма година и уште од тогаш му претскажав светла иднина во кошарката и големи дострели, бидејќи на негова возраст поседуваше изворедна техника, карактер, феноменален осет за асистенции, а пред сè поседуваше високо ниво на домашна култура, која ја споделуваше и со нас тренерите. Секојдневно сакаше да тренира по цел ден, да научи нешто ново, да си надигрува со нас тренерите. Престиж секое ново лето му беше да ме победи во играта еден на еден, бидејќи и јас имав блескава играчка кариера, но нашата партија сè уште е останата на 1:0 за мене. Му ја посакувам целата спортска среќа, да го продолжи патот кој успешно го трасира, и да не направи нас Охриѓани, а и сите Македонци горди, а пред сè и претпознатливи на светската кошаркарска сцена“, ни изјави Весна во сторијата во 2017-та.
Исмаил освен тренер, му паѓа и втор братучед.
„Заминувањето во Турција му е чиста среќа, која веројатно треба да ја поседува секој покрај талентот и упорната работа, бидејќи многу играчи поседувале талент, ама никогаш немале среќа да излезат на виделина. Во 2006-та, турскиот менаџер Атила, кој е задолжен за балканските земји, по претходен договор беше на турнир во Црна Гора да го прати Џанер (брат му на Џеди) каде настапуваа екипи од У-16, а меѓу нив и КК Босна. Во тоа време Џанер беше повикан и настапуваше за младинската репрезентација на Македонија. По чиста случајност на тој турнир со 4-5 години постари играчи настапи и Џеди кој остави голем впечаток со својата игра и успеа цело внимание да го сврте на себе. Потоа за Чеди сè тргна во нагорна линија со кариерата. Со Џанер потпишаа договор во Ефес Пилсен или сегашно Анадолу Ефес, настапуваа за сите младински екипи, дури и во втората екипа на Ефес која се натпреварува во втората туска лига. После тоа, веројатно се е познато“, ни раскажа Исмаил
Во кој дел на Охрид е растен и кој од неговата фамилија е останат таму?
Во Охрид живееја спроти пазарот каде имаат куќа и тука се цело лето. Неговите родители седат по месец дена, а тој заради репрезентативни обврски доаѓа на едвај една недела. Само оваа година по долго време успеа да поседи подолго бидејќи Ефес испадна порано од плејофот во турската лига. Во Охрид живее скоро цела фамилија од таткова страна, а најблиските живеат во истата куќа. Таму се стрикото со фамилијата, неговата баба, а дедото на кој му беше голема гордост почина во 2011-та и не успеа да ги види неговите успеси. Фамилијата од страна на мајка му живеат во Нови Пазар - Србија.
Џеди знае добро 4 јазици: македонски, турски, босански и англиски.
Целата приказна: Тренираше на Билјанини извори, а сега игра заедно со Леброн Џејмс