Ако луѓето од македонската кошаркарска репрезентација не беа инертни и повнимаваа малку повеќе на нашиот подмладок кој нѝ бега во странство, сега за детево ќе се пишуваше како за Антиќ и ќе имавме уште еден македонски репрезентативец во НБА.
Вака останува да се гордееме дека по Перо имаме уште еден нашинец во најквалитетната кошаркарска лига во светот, кој има и турско и македонско државјанство, но го носи дресот на селекцијата на Турција.
Пред три години пишувавме дека МВП на Евробаскетот за играчи до 20 години е дете со потекло од Македонија, кое му го донесе на турскиот национален тим првото злато во оваа категорија. Една година претходно го освои златото и со тимот У-18.
Потоа се етаблираше во Евролигата каде со тимот на Ефес настапуваше четири сезони, а минатиот месец на Европското првенство, на кое Турција беше една од четири земји домаќини, на два пати беше најдобар поединец. Прво против Русија со 28 поени, 7 скока и 4 асистенции, а потоа и против Латвија со 24 поени и 5 асистенции.
Џеди Осман (22), по татко Турчин, по мајка Босанец живеел до 4 години во Охрид спроти пазарот, а потоа со семејството се преселил во Сараево и почнал да тренира во КК Босна, од каде на 12 години заминува во Ефес. Кој е всушност Џеди и како стигна до Кливленд Кавалиерс нѝ раскажаа Весна Балазоска Милошевиќ и Исмаил Даут кои го тренирале во КК Колибри за време на летните периоди.
„Џеди го познавам од неговата 7-ма година и уште од тогаш му претскажав светла иднина во кошарката и големи дострели, бидејќи на негова возраст поседуваше изворедна техника, карактер, феноменален осет за асистенции, а пред се поседуваше високо ниво на домашна култура, која ја споделуваше и со нас тренерите. Секојдневно сакаше да тренира по цел ден, да научи нешто ново, да си надигрува со нас тренерите. Престиж секое ново лето му беше да ме победи во играта еден на еден, бидејќи и јас имав блескава играчка кариера, но нашата партија се уште е останата на 1:0 за мене. Му ја посакувам целата спортска среќа, да го продолжи патот кој успешно го трасира, и да не направи нас Охриѓани, а и сите Македонци горди, а пред се и претпознатливи на светската кошаркарска сцена“, вели Весна.
Повеќе за него од разговорот со Исмаил кој освен тренер, му паѓа и втор братучед.
Како се случи да замине во Турција?
Заминувањето во Турција му е чиста среќа, која веројатно треба да ја поседува секој покрај талентот и упорната работа, бидејќи многу играчи поседувале талент, ама никогаш немале среќа да излезат на виделина. Во 2006-та, турскиот менаџер Атила (презимето не му го знам), кој е задолжен за балканските земји, по претходен договор беше на турнир во Црна Гора да го прати Џанер (брат му на Џеди) каде настапуваа екипи од У-16, а меѓу нив и КК Босна. Во тоа време Џанер беше повикан и настапуваше за младинската репрезентација на Македонија. По чиста случајност на тој турнир со 4-5 години постари играчи настапи и Џеди кој остави голем впечаток со својата игра и успеа цело внимание да го сврте на себе. Потоа за Чеди сè тргна во нагорна линија со кариерата. Со Џанер потпишаа договор во Ефес Пилсен или сегашно Анадолу Ефес, настапуваа за сите младински екипи, дури и во втората екипа на Ефес која се натпреварува во втората туска лига. После тоа, веројатно се е познато. Од 2012-та го има првиот професионален договор, драфт во 2015-та и сега од летово веќе е во НБА. Инаку во Турција заминаа во 2007-ма заедно со нивните родители, а претходно 8-9 години тренираше во КК Босна.
Во кој дел на Охрид е растен и кој од неговата фамилија е останат таму?
Во Охрид живееја спроти пазарот каде имаат куќа и тука се цело лето. Неговите родители седат по месец дена, а тој заради репрезентативни обврски доаѓа на едвај една недела. Само оваа година по долго време успеа да поседи подолго бидејќи Ефес испадна порано од плејофот во турската лига. Во Охрид живее скоро цела фамилија од таткова страна, а најблиските живеат во истата куќа. Таму се стрикото со фамилијата, неговата баба, а дедото на кој му беше голема гордост почина во 2011-та и не успеа да ги види неговите успеси. Фамилијата од страна на мајка му живеат во Нови Пазар - Србија.
Кои плажи ги посетуваше?
Порано ги посетуваше сите плажи, а во последните две години одеше најмногу во Изгрев, Струга и во викендица кај еден пријател која се наоѓа во близина на кампот Андон Дуков.
Кои јазици ги зборува?
Џеди знае добро 4 јазици: македонски, турски, босански и англиски.
Се сретнавте ли летово и дали ви раскажа како се слyчил трансферот во НБА?
Се видовме, но за НБА не зборуваше ништо бидејќи сè уште чекаше да се официјализира договорот. Тој замина во Кливленд после Европско првенство и едвај чекаше да оди и да се запознае со неговите идоли, а сега соиграчи што сите ги гледаме на тв. Трансферот е награда за сите жртвувања шти ги направија тој и целата негова фамилија која го бркаа неговиот сон, а на крај им се оствари, а богами и им се исплати.
По што го паметите Џеди од времето кога го трениравте?
Тој беше победник од секогаш и како мал не можеше да поднесе порази, играше дури не победи. Секогаш работеше напорно и секое лето место да ужива, тој како дете заедно со брат му цел распуст работеше со нас на тренинзи со поголеми генерации (родени 92-ра и 94-та), бидејќи беше предобар за негова генерација и пред да оди за Ефес, дури беше во КК Босна.
Се надевавте ли дека може да стигне до НБА?
Можеби никој од нас не се надеваше на тоа, ама сите гледавме во него потенцијал и можност за повисоки дострели. Добро е што господ му ги нареди коцките и успеа да замине во клуб кој му даваше целосна поддршка, како финансиски, така и во развојот, школувањето и слично, за да може да се концентрира на кошарката и да стане тоа што е денеска.
Некоја анегдота со него?
Ние сме фамилијарно врзани и имам многу анегдоти. Можеби блага анегдота е тоа што не поднесуваше да губи. Сите го знаат од генерациите кои тренираа секое лето тука уште пред да стане главна ѕверка и на местото кое баскетџиите во Охрид го викаат “спортскиот“ должи многу изгубени пици.
Интервју за Евролигата