Жените масовно летаат во Јужна Кореја за еден нов козметички третман

Rejuran е еден од најновите трендови во естетската индустрија - инекција е ветува посјајна, попеглана и подмладена кожа. Процедурата е болна, резултатите не се секогаш брзи, а препаратот сè уште не е одобрен од американската FDA. Но тоа не ги спречува жените од цел свет да полнат авиони за Сеул.

Rejuran не е класичен филер ниту ботокс. Станува збор за таканаречен „skin booster“, создаден од полинуклеотиди - фрагменти од ДНК, најчесто извлечени од лосос. Идејата е овие молекули да ја стимулираат регенерацијата на кожата однатре, да поттикнат создавање колаген и со тоа да го забават процесот на стареење. Разликата со ботокс е во тоа што не се блокираат мускули, туку се обновува самата структура на кожата.

Јужна Кореја веќе две децении е лидер во козметичките иновации. Таму настанаа „к-бјути“ трендовите, но и голем дел од хируршките и естетските практики што подоцна се раширија глобално. Во Сеул има десетици клиники што го нудат Rejuran како „златен стандард“ за подмладување, често во комбинација со други третмани. Пациентките доаѓаат од САД, Европа и Југоисточна Азија, најчесто во целосен медицински туризам што ги вклучува инекциите, престој во хотел и неколку дена опоравување.

Сепак, постои и контроверзност. Во САД и Европа, регулаторните тела сè уште немаат дадено зелено светло, што не значи дека Rejuran е опасен, туку дека недостигаат доволно клинички студии за неговата ефикасност и безбедност на долг рок. Лекарите предупредуваат дека болката и отокот по процедурата се нормални, но потенцираат и дека не секој организам реагира еднакво.

Во меѓувреме, побарувачката расте. Социјалните мрежи се преполни со видеа и искуства - лица со мали убоди, кожа што изгледа црвено и набабрено, но и ветувања за baby skin ефект неколку недели подоцна. За некои, тоа е доволна причина да ја игнорираат несигурноста околу одобренијата и да му веруваат на корејскиот пазар, кој веќе одамна се позиционира како авангарда во убавината.

Прашањето е дали Rejuran ќе стане следниот глобален тренд како ботоксот и филерите, или ќе остане специфичен третман што бара авионски билет до Сеул. Останува една константа - толку сме опседнати со подмладување и толку сме испрепадани од стареење што и до Кореја ќе одиме да нè боцкаат.

9 September 2025 - 09:38