- Акциите на Тесла вртоглаво паѓаат откако нејзиниот сопственик Илон Маск најави дека ќе формира Американска партија, како трета политичка опција во земјата. Инвеститорите продаваат, убедени дека навлегувањето на Маск на политичката сцена ќе им нанесе голема штета на неговите компании.
- Во тргувањето пред отворањето на берзите, вредноста на акциите падна за 7%, со проценка дека загубите на Тесла ќе достигнат 70 милијарди долари. Загубите на Маск лично би биле 9 милијарди во еден ден.
- Претседателот Доналд Трамп синоќа ја оцени Американската партија како „смешна“.
- „Третите партии никогаш не функционирале, па тој може да се забавува, но јас мислам дека е смешно. Жал ми е што гледам како Илон Маск во изминатите пет недели излета од колосек и стана крш“, порача Трамп на својата социјална мрежа.
- Тој повторно оцени дека Маск е гневен поради бришењето на субвенциите за електрични возила во новиот Голем убав закон за буџет и трошоци на САД.
- Доналд Трамп ќе воведе дополнителни 10% тарифи за увоз на производи од земјите од блокот БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка).
- „Секоја земја што се приклонува кон антиамериканските политики на БРИКС ќе добие уште 10% тарифи. Нема да има исклучоци за оваа политика“, објави Трамп.
- БРИКС вчера го почна својот самит во Рио, на кој не присуствуваат рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот Си Џинпинг. На отворањето, бразилскиот лидер Лула да Силва изјави дека земјите од блокот денес претставуваат една половина од светското население и 40% од глобалната економија.
- Задутре завршува рокот од 90 дена што Трамп им го даде на земјите низ светот да склучат билатерални трговски договори со САД или да се соочат со „реципрочните тарифи“ што ги најави во април. Со некои земји е постигнат договор, а 12 до 15 поголеми партнери и стотина помали ќе добијат писма со ултимативни понуди. Министерот за трговија Хауард Лутник објасни дека царините ќе стапат на сила од 1 август.
- Актуелниот градоначалник на Кисела Вода е кандидат за градоначалник на Град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори што ќе се одржат во октомври.
- Обелоденувајќи ја одлуката, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, рече дека партиските одлуки се темелат на анкетите кои покажуваат дека Ѓорѓиевски води убедливо дури и петпати повеќе во однос на решенијата што се споменуваат од СДСМ.
- „Кога сме кај Градот верувајте ги научивме сите лекции за да не погрешиме сега повторно во изборот за прв човек на градот, пред се што Орце е веќе докажен во Кисела Вода и делата што ги направи говорат за него. Сега ќе има нова задача да го развива Скопје, да ја нормализира неговата работа и да го врати на скопјани. Ќе понудиме програма, но и заедничка работа и визија“, наведе Мицкоски.
- Утврдени се и кандидатурите за општините Гази Баба, актуелниот Бобан Стефковски, за Карпош Сотир Лукровски, од приватнот сектор, за Лозово актуелниот градоначаник Бошко Цветкоски, за Пехчево, актуелниот градоначалник Александар Китански, за Ресен актуелниот Јован Тозиоски, за Зрновци исто така актуелниот градоначалник Борче Коцев.