Иран е решен да го минира Персискиот Залив

Иранската морнарица за време на судирот со Израел натоварила подводни мини на бродови за да го блокира транспортот низ Ормуз, протокот до Персискиот Залив низ кој поминува една петтина од глобалната трговија со нафта и гас. Американскиот удар врз нуклеарните капацитети на Иран ја крена цената на нафтата за 10%. Блокадата на Ормускиот теснец би предизвикала светски хаос.

Американски разузнавачи тврдат дека бродовите не ги истовариле мините во теснецот, но потегот се смета за јасно предупредување дека Техеран е решен на екстремна реакција ако повторно биде нападнат. 

На 22 јуни, набрзо откако САД се вклучија во војната и ги бомбардираа трите клучни нуклеарни постројки во Иран, Парламентот во Техеран ја одобрил мерката за блокирање на Ормуз. Одлуката не е обврзувачка за Врховниот совет за национална безбедност, кој со години се заканува со минирање на теснецот, но никогаш не ја исполнил таа закана.

Не е јасно дали мините сè уште се на бродовите или веќе се истоварени. Таквите разузнавачки информации обично се собираат преку сателитски снимки или уфрлени шпиони. Извори на Ројтерс не ја исклучуваат можноста дека товарењето на мините на бродовите било само заплашување на САД, без намера тие да бидат поставени.

Благодарение на брилијантното спроведување на операцијата Полноќен чекан од страна на претседателот, успешната кампања против хутите (во Јемен) и кампањата за максимален притисок, Ормускиот теснец останува отворен, слободата на пловидба е обновена, а Иран е значително ослабен, изјави за Ројтерс претставник на Белата куќа.

Ормуз се наоѓа помеѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и понатаму со Арапското Море. Во најтесната точка е широк 34 километри, а коридорот за бродови е широк 3 километри во двете насоки.

Преку овој теснец членовите на ОПЕК - Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Ирак, го извезуваат поголемиот дел од својата сурова нафта за пазарите во Азија. Катар, еден од најголемите извозници на течен природен гас во светот, нема друг канал за испорака. И Иран, исто така, извезува поголем дел од својата сурова нафта преку преминот, што е главната причина поради која Техеран се воздржува од блокада.

Во 2019 година воените разузнавачи на САД проценија дека Иран одржува повеќе од 5.000 поморски мини, кои може брзо да ги распореди со мали и брзи чамци.

Петтата флота на САД, која е со седиште во Бахреин, е задолжена за заштита на трговијата во регионот. Американската морнарица обично чува четири брода за контрамерки против мини. Сите привремено беа повлечени од Бахреин пред нападите на САД врз Иран во очекување на потенцијален одмазднички напад врз командата на Петтата флота. Иран возврати симболично со ракетен напад врз американската воена база во Катар, без да предизвика човечки жртви или поголема штета.

2 July 2025 - 08:19