Завршни зборови: Сите го посочуваат Палевски како егзекутор
18 June 2025
- Во завршните зборови на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, тројцата обвинети Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски негираа дека ги извршиле. Дел од нив признаа соучесништво во грабнување, но негираа дека првичниот план бил егзекуција.
- Велибор Манев остана на тврдењето дека со Боре Видевски мислеле оти киднапираат возрасна жена од влезот која Палевски ја следел. Откако виделе дека е девојче, барале од Палевски да ја ослободи но тој ја фотографирал, ја распрашувал кои ѝ се мајка и татко, па преку перниче ја застрелал.
- Боре Видевски побара ослободителна пресуда бидејќи бил жртва на „монтировка“ и не ни бил со групата кога киднапирале и убивале.
- Адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, во завршните зборови го нарече својот клиент заложник и жртва во корист на искористување туѓи идеи и интереси.
- Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ образложуваше дека таткото на Вања е неправедно обвинет и побара ослободителна пресуда. Вели дека таткото на детето воопшто не им бил потребен на обвинетите за да им даде упатства за времето кога девојчето ќе излезе сама од домот за да оди на училиште бидејќи според доказите, обвинетите претходно веќе имале план за грабнување а подоцна и за егзекуција.