Знаевте дека Салвадор Дали го дизајнирал логото за Чупа-чупс?

Дали ни е една од омилените теми за пишување, бидејќи неговиот лик и дело се одлична комбинација на стереотип за откачен гениј но и на човек кој знаел да повлече добри практични потези, без да смета дека со тоа му се „рони бисерот“. На пример да изработи лого за - лижавче.

Основана од Шпанецот Енрик Бернат во 1958, компанијата Чупа Чупс денес е во сопственост на италијанско-холандската фирма Перфети ван Меле (истата ги поседува брендовите Ментос и Футела). Името на компанијата и на познатото лижавче доаѓа од шпанскиот глагол chupar, што значи „цицање“ или „шмукање“. 

Во некрологот за Енрик Бернат, тој е цитиран со зборовите: „Увидов дека бонбоните не им одговараат на главните потрошувачи, децата. Тие си ги лепеа рацете и им правеа проблем на родителите. Затоа го закачив благцето на стапче.“

Во 1969 компанијата му пристапила на славниот Дали да го дизајнира тогаш новото лого. Тоа станало веднаш препознатливо, исто толку колку и неговите растечени часовници. Дали го вметнал името на брендот во весело обоено поле во форма на цвет. Секогаш многу свесен за моќта на дизајнот и брендирањето, тој сугерирал логото да биде на врвот на лижавчето, а не на страна, за да биде видливо пред вадењето на обвивката. 

Во првата маркетинг кампања со ова лого тоа одело во комплет со мотото: Округло и долготрајно“. Во 1980-тите е користен анти-пушачки слоган - Пушете Чупа Чупс, во обид да се привлечат возрасни потрошувачи. Моменталниот антипушачки слоган на компанијата е „Запрете со пушењето, почнете со шмукањето“, со тоа што некои пакети се дизајнирани како пародија на кутии цигари, плус црно-белите предупредувачки ознаки кои во случајов гласат: „Шмукањето не убива“.

Денес Чупа Чупс продава лижавчиња во повеќе од 150 земји и со повеќе од 100 вкусови.  

Види претходно:
Кога Салвадор Дали пристигнал на Сорбона во Ролс-ројс наполнет со карфиоли
Кога Дали побарал жив слон како хонорар

12 февруари 2025 - 17:41