Во 1971 Салвадор Дали гостува на американската телевизија, во шоуто на Дик Кавет. Со благо исмевање и обид за портретирање на својот соговорник како во најмала рака ексцентрик (ако не и лудак), тој го прашува за инцидентот кога овој пристигнал на Универзитетот Сорбона во Париз за да одржи предавање во Ролс Ројс полн со карфиоли.
„Карфиолот го претставува точно истиот морфолошки проблем како и сончогледот. Леонардо да Винчи прв ја забележал логаритамската прогресија на истата шема, која ја има и на рогот на носорогот. А подоцна Дали откри илјадници уште помоќни примери за овој математички феномен“, му одговара Салвадор зборувајќи за себе во трето лице, со јак англиско-каталонски акцент, на новинарот кој никогаш не чул за Каталонија.
Тоа со карфиолите е вистински настан, опишан во издание на списанието Тајм од 26 декември 1955, кога надреалистот пристигнал на Сорбона за да одржи предавање на тема: „Феноменолошки аспекти на критичко-параноичниот метод“. Две илјади слушатели паднале во „далириум“. Поставувајќи си ги лактите на катедрата полна со лебни трошки, Дали објаснил: „Сите мои чувства доаѓаат преку лактот“.
Но во текот на излагањето стигнал и до карфиолот.
„Сè започнува од рогот на носорогот. Сè тргнува од Вермеровата Плетачка на тантела! Се завршува со карфиолот“, рекол тој, мислејќи на „логаритамската крива“ која се отсликува во сите овие, и во голем број други природни феномени и уметнички дела. Тој не само што имал сосема аргументирано објаснување за својот перформанс, туку (можеби) со ова го промовирал и првиот веге-мобил.