Денес, Ер Индија е во големи долгови и е ставена на продажба. Но тоа некогаш била престижна авио компанија, чии вработени имале (а и можеле да си дозволат) откачени идеи.
Во 1967, Џот Синг, тогаш одговорен за односи со јавност на Ер Индија, се сретнал со Салвадор Дали во Њујорк. Во тој момент самата компанија била голем колекционер на уметнички дела. Синг побарал Дали да создаде нешто што би можело да им се дели на клиентите и патниците. Шпанскиот надреалист одговорил со мала неглазирана порцеланска пепељара, со центар во облик на школка, змија околу периметарот и со уште две животни - лебед и слон - од обете страни.
Кога го прашале што и колку би барал како хонорар, Дали изјавил - „Сакам слон, за да го чувам помеѓу моите маслинови насади и да ја гледам играта на сенки кои месечевата светлина ги прави врз неговиот грб низ гранките“.
Авио-компанијата прифатила и со авион донела во Женева двегодишно слонче од Бангалор, од каде било пренесено со камион во Кадакес, каде живеел Дали. Неговото пристигнување било одбележано со голема помпа. Градоначалникот прогласил тридневен празник и имало посебно организирана парада на плоштадот.
Големите планови на Дали биле тој со слонот да ги премине Алпите, исто како Ханибал. Секако, тоа не се случило. Животното пораснало, на Дали му поминал меракот, па го донирал на зоолошката во Барселона во 1971.
Што се однесува до пепељарите, од нив биле направени 500 парчиња кои ги добиле исто толку среќни патници. Веројатно денес се по приватни колекции, а некои можат да се најдат на продажба и онлајн.