Стинг на суд со колегите од „Полис“

Стинґ на своите поранешни соработници од Полис, гитаристот Енди Самерс и тапанарот Стјуарт Коупленд, по нивна тужба од септември минатата година, им исплатил повеќе од 800.000 долари, признавајќи дека дел од авторските надоместоци не биле правилно исплатени. Но тие сепак не се задоволни, бидејќи оваа сума не се однесува и на стриминг платформите, плус не ги вклучува каматите за сето време кога не добивале ништо.

(фото: EpaImages)

Енди Самерс и Стујард Копленд од „Полис“ во септември минатата година го тужеле својот колега Стинг и неговата издавачка компанија, тврдејќи дека им следуваат меѓу 2 и 10 милиони долари авторски приходи за хитови како „Роксен“ и „Секој твој здив“. Овој им исплатил само 800.000 долари, негирајќи дека тие имаат право на дел од приходите што тој ги остварува од стриминзи и дигитални преземања.

Иако Самерс и Коупленд немаат авторски заслуги за повеќето хитови на бендот, тие тврдат дека уште во 1977 година постоел усмен договор за делење на приходите, кој подоцна бил формализиран со писмени договори. Според истите, иако Стинґ бил главниот автор, другите членови повремено давале клучни музички придонеси – како препознатливата гитарска линија на Самерс во Every Breath You Take. Затоа било договорено, кога некој од нив ќе добие издавачки приход за песна што ја напишал, дел од таа сума (најчесто 15 проценти) да им се исплати на останатите двајца, како таканаречен „аранжерски надомест“.

Адвокатите на двајцата музичари бараат дозвола да го прошират случајот и тврдат дека на клиентите им следуваат пари и од сите дигитални продажби и стриминг-приходи, врз основа на договори склучени во 1997 и 2016 година. Според нив, тие договори треба да се толкуваат во контекст на променетата музичка индустрија, во која стримингот ја заменил продажбата на винили, ЦД-а и касети.

Од другата страна, адвокатите на Стинґ сметаат дека пуштањето музика на платформи како Спотифај претставува „јавно изведување“, а не продажба, и затоа не подлежи на вакви исплати. Тие дополнително тврдат дека договорот од 2016 година предвидува исплати само од „производство на носачи на звук“, па бараат проширувањето на тужбата да биде отфрлено.

Да потсетиме: во 2022 година, Стинґ ги продаде правата на својот авторски каталог на Јуниверзал, во зделка која ги опфаќаше и неговите соло-песни и делата што ги напишал за Полис, а чија вредност се проценува на околу 200 милиони долари.

15 јануари 2026 - 14:28