„Списанието се вика Commenting Comment, единствен печатен медиум посветен на интернет коментарите и нивните пишувачи. Нашата редакција, во голема мерка составена од луѓе претходно вработени во месечникот „Писма до уредникот" е возбудена од можноста да ви овозможи длабинско покривање на интернет коментарите.
Најпрвин еден ПДНП (премногу долго, не го прочитав) синопсис на содржината на овомесечниот број:
- Се намачивме да ги пронајдеме шесте најплодни интернет коментатори во земјата и притоа истражувавме: дали тие имаат работни места, или само брзински читаат стотици статии дневно и ги коментираат? Зошто чувствуваат нагон да напишат толку многу нешта во малата кутија на дното на екранот? Кога последен пат се смееле, но не на злобен, морничав начин?
- Колку рано е прерано за да ги научите вашите деца да коментираат?
- Која славна личност коментира по интернет за тоа дека е комбинација од Стив Џобс и Версаче, под никот CantayayEast77?
- Поглед зад сцената: како оние кои ги уредуваат секциите со коментари ја вршат нивната работа
- Коментирање преку Твитер: минлива финта или промена на парадигмата?
- Субкоментирачки трендови на кои треба да се внимава во 2015
- ЗОШТО КОМЕНТИРАЊЕТО ВО КАПС ЛОК ЌЕ ПРИВЛЕЧЕ ВНИМАНИЕ: ДЛАБИНСКА АНАЛИЗА
- Кој е најефикасниот единечен збор во коментари, „хехе" или „пфф": ги прашуваме експертите
- Како да тролаш во седум лесни чекори
- Сарказам наспроти зајадливост: најфината помеѓу разликите
- Намаление на Оксиконтин достапен СЕГА!!! Најдобар добавувач во САД, намалете го стомакот за 10-15 цм со овие медицински препорачани апчиња кои заменуваат храна Б€СПЛАТНА И БРЗА ИСПОРАКА
Коментирањето на интернет е важно право, дадено од Бога. Тоа е суштинско за нашата демократија, секој да има можност да се искаже, особено оние кои сметаат дека 9/11 била инсајдерска работа координирана од Ал Гор. Без ваквите сомнителни фигури по библиотеките, без подрумите на нивните родители и без заземањето на истата маса во Старбакс во последните 9 саата, што овозможува одговарање на претходни коментари со достоинство и елеганција, ние никогаш немаше да научиме што е што.
Се радуваме на можноста да ви пренесеме вести и анализи за сè што е отровно, агресивно и само делумно информирано, а се надеваме дека ќе се одлучите на претплата и на Commenting Comment Premium Digital Edition, за кое коментарите се оневозможени.
Извор: Њујоркер