Храна и сликарство

Ротко од ориз

Во 1958. Марк Ротко, руско-американскиот апстрактен експресионист со еврејско потекло, бил ангажиран да направи серија мурали за ресторанот „Четири сезони" во Њујорк - место каде според него доаѓале „најбогатите копилиња од Њујорк за да се нахранат и да се фалат". Ја прифатил понудата од инает, за неговите слики да им го расипат апетитот.

Подоцна, кога инаетот му попуштил, се откажал од проектот. Но богатите од друга страна уште го сакаат - неговата слика „Портокалово, црвено, жолто 1961" во мај оваа година се продаде за 86,9 милиони долари, што претставува рекордна цена за поствоена слика на јавна аукција.

Муралите направени во ресторанот го инспирирале готвачот и стилист Кајтлин Левин и фотографот Хенри Харгрејвс да ја интерпретираат збирката на Ротко користејќи - ориз.

Тие и претходно соработувале правејќи слики со банани или леб, но за Ротко се одлучиле за ориз обоен со различни зачини. Проектот траел три дена, а секоја од сликите е правена два до три часа. Најтешко било оризот да се постави така за да не „бега“ од границите на сликата. Наш совет: следниот пат нека пробаат со сутлијаш.

 

 

 

1 декември 2012 - 09:45